Линкови за пристапност

Заканите од Иран нема да не` спречат да возвратиме, вели Израел


Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари и други членови на израелската војска стојат покрај иранската балистичка ракета која падна во Израел викендов, за време на медиумската посета на воената база Јулис, 16 април 2024 година
Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари и други членови на израелската војска стојат покрај иранската балистичка ракета која падна во Израел викендов, за време на медиумската посета на воената база Јулис, 16 април 2024 година

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, денес рече дека заканите на Иран нема да ја одвратат неговата нација да одговори на воздушниот напад во неделата врз еврејската држава.

Осврнувајќи се на коментарите на Галант, Министерството за одбрана ја цитираше неговата изјава:

„Иранците не успеаја во нападот и нема да успеат да го одвратат Израел“.

Високи американски функционери рекоа дека иранскиот напад врз Израел, прв од иранскатериторија, вклучувал повеќе од 110 балистички ракети, 30 крстаречки ракети и повеќе од 150 еднонасочни, експлозивни беспилотни летала.

Тие рекоа дека иранските прокси сили во Ирак, Сирија и Јемен, исто така, учествувале во нападот. Иранските власти издадоа низа вербални предупредувања до Израел додека го разгледува својот одговор, ветувајќи дека Техеран брзо и остро ќе одговори на израелската акција.

Иран го нарече воздушниот напад од неделата како еднократен настан извршен како одмазда за, како што рече Техеран, израелскиот воздушен напад во кој загинаа високи ирански команданти во Дамаск на први април.

Израел ниту ја потврди ниту ја отфрли одговорноста.

„Иранците нема да можат да воспостават нов статус на одвраќање против Израел“, рече Галант, според Министерството за одбрана.

„(Израелските) авиони оперираат насекаде - небото на Блискиот Исток е „отворено“ и секој непријател што ќе се бори со нас ќе биде погоден, без разлика каде се наоѓа“, додаде тој.

Израелскиот воен кабинет, кој го вклучува Галант, постојано се состанува во последните денови за да дебатира за опциите за одговор на Израел.

Во телефонски интервју за Гласот на Америка, поранешниот израелски разузнавач Ави Меламед рече дека Израел може да му возврати на Иран со директен воен напад на иранска територија, сајбернапад или некој друг вид акција.

Секоја израелска одмазда најверојатно ќе треба да биде координирана со САД, рече Меламед. Тој вели дека израелскиот одговор, исто така, ќе треба да го натера Иран да плати значајна цена што испраќа силна порака до регионот, без да биде толку болна што ќе предизвика понатамошна иранска ескалација.

„Кога ќе ги погледнам сите тие компоненти, мислам дека е многу веројатно дека ќе има серија тајни, значајни израелски акции против иранските средства“, рече Меламед.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, на брифинг денес, рече дека државниот секретар Ентони Блинкен, во консултации со неговите регионални колеги, дал до знаење дека САД не сакаат да видат понатамошна ескалација на иранско-израелскиот конфликт.

Британските медиуми соопштија дека премиерот Риши Сунак му испратил слична порака на неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху во телефонскиот разговор денес.

Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, рече дека некои земји-членки предложиле проширување на „рестриктивните мерки“ против Иран.

Тој рече дека се согласил да побара од Службата за надворешна акција, која ја спроведува надворешната и безбедносната политика на европскиот блок, да започне со работа на нови санкции кои би можеле да ги казнат испораките на оружје од Иран до неговите прокси сили и секое иранско снабдување со проектили за Русија.

Дописничката на Гласот на Америка од Стејт департментот Најки Чинг придонесе за овој текст

XS
SM
MD
LG