Линкови за пристапност

СДСМ со кривична пријава против Груевски и Мијалков за незаконско следење на комуникации


Претседателот на СДСМ Зоран Заев
Претседателот на СДСМ Зоран Заев

Заев тврди дека биле прислушкувани преку 20.000 граѓани; ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека е марионета на странски служби

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денес на прес-конференција презентираше аудио-снимки од разговори за коишто тврди дека биле дел од нелегална акција на службите во МВР по налог на премиерот Никола Груевски и првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Заев кажа дека незаконски биле прислушкувани преку 20.000 граѓани, а меѓу нив се наоѓаат и блиски соработници и членови на неговото семејство, водачи на опозицијата, водачот на владејачката ДУИ Али Ахмети, министри во владата и новинари. Тој го поткрепи ова со презентација на аудио-снимки од телефонски разговори.

СДСМ најави дека поднело кривична пријава против Груевски, Мијалков и лица коишто го вршеле прислушкувањето. Воедно, преседателот на партијата побара амнестија за оние лица коишто учествувале во операцијата, но материјалите ги доставиле до опозицијата за да се разоткријат наводните незаконски активности на виши претставници на власта.

Заев изјави дека СДСМ располага со аудио-записи и од телефонски разговори во коишто биле прислушкувани претставници на МАНУ, МПЦ, ИВЗ, судството и други институции.

Комплетната политичка, судска, медиумска и бизнис-елита во Македонија била прислушкувана од страна на служби во Управата за безбедност и контраразузнавање, соопшти денеска Заев.

Како што рече тој, ова е само почеток на акцијата која ја презема опозицијата за, како што најави, враќање на демократијата.

„Ова што почнува како процес за соопштување е најнепријатното нешто што како лидер на СДСМ треба да го споделам и искрено жалам што Република Македонија е доведена во таква срамна ситуација“, изјави Заев пред присутните.

Тој ги отфрли наводите дека странски служби го вршеле прислушкувањето.

„Според обемот и опфатот на снимениот материјал, такво нешто можело да се изведе само со софистицирана опрема, а разговорите можела да ги следи само домашната служба.

Прислушкување не е можно без учество на УБК и мобилните оператори“, изјави Заев.

Тој најави дека во наредните денови ќе бидат обелоденети и други материјали со коишто располага опозицијата.

На денешната прес-конференција на СДСМ реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека таа е сценарио коешто нема да помине. ВМРО-ДПМНЕ повторно го повика Заев, доколку постоеле материјали за коишто се тврди дека упатуваат на евентуално противзаконско постапување, да ги достави до надлежните институции за понатамошна постапка и правна завршница во транспарентна и законска процедура.

„Заев денеска започна со реализација на објавувањето на разни материјали за кои и самиот го извести премиерот Груевски дека се прибавени во соработка со странски служби, а за што е започната и постапка против него токму за овој случај, во кој дел од осомничените веќе имаат и признание дека работеле за пари и за странски служби“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата на власт, „со денешната и најавените прес конференции од ваков тип, Заев со несериозен и неодговорен однос, прифаќајќи да биде инструмент и марионета на странски служби, тој очигледно со задоволство продолжува да биде дел од креирано сценарио кое што е во интерес на трета страна, која не и` сака добро на Македонија“.

ВМРО-ДПМНЕ коментира и дека целта на Заев е целата македонска јавност да ја држи во заложништво, јавноста да биде под уцена и да биде дефокусирана од реалните теми и потреби на граѓаните.

XS
SM
MD
LG