Линкови за пристапност

Путин кажа дека верува оти може да се постигне договор за Гершкович


Рускиот претседател, интервјуиран од поранешниот водител на „Фокс њуз“ Такер Карлсон, го повтори тврдењето за шпионажа за затворениот новинар на „Вол Стрит Џурнал“
Рускиот претседател, интервјуиран од поранешниот водител на „Фокс њуз“ Такер Карлсон, го повтори тврдењето за шпионажа за затворениот новинар на „Вол Стрит Џурнал“

Во повеќе од два часа, претходно снимено интервју со Владимир Путин, објавено вчера, поранешниот водител на „Фокс њуз“ Такер Карлсон го прашуваше рускиот претседател за тековната војна во Украина и за затворениот американски новинар Иван Гершкович.

Откако го најави интервјуто оваа недела, Карлсон се соочи со критики од новинарите кои велат дека тој не го почитувал слабото досие за слобода на печатот во Русија и оти може да помогне во промовирањето на руската пропаганда.

На почетокот на интервјуто, Карлсон изгледаше сочувствителен со ревизионистичката историја што Путин ја даде за да ја оправда руската инвазија на Украина во 2022 година, нарекувајќи ја „искрена гледна точка“ на рускиот лидер.

Но, Карлсон навистина ги отфрли тврдењата на Путин дека Гершкович, новинар за „Вол Стрит Џурнал“ е шпион и праша дали Русија ќе го ослободи новинарот да се врати во САД.

„Нема табу за да се реши ова прашање“, рече Путин во интервјуто.

„Ние сме подготвени да го решиме, но има одредени услови кои се разговараат преку каналите на специјалните служби. Верувам дека може да се постигне договор“.

Новинарот сè уште ги негира обвиненијата.

Забелешките на Путин се негови најобемни јавни коментари за Гершкович откако новинарот беше затворен во март 2023 година, поради обвиненија за шпионирање кои нашироко се сметаат за неосновани и политички мотивирани.

Гершкович, неговиот работодавец и американската влада, остро ги отфрлаат обвиненијата против новинарот.

Стејт департментот на САД, исто така, го прогласи Гершкович за погрешно приведен.

Се чини дека Путин навести оти Москва ќе биде подготвена да го замени Гершкович за руски атентатор затворен во Германија. Германскиот суд во 2021 година го прогласи за виновен за смртно застрелување на поранешен водач на чеченските бунтовници во Берлин во 2019 година.

Судот рече дека руските власти го наредиле убиството и го осудиja на доживотен затвор.

„Таа личност поради патриотски чувства елиминираше бандит во една од европските престолнини“, рече Путин.

„Вол Стрит Џурнал“ претходно објави дека Москва сака тоа лице да биде ослободено во размена на затвореници, веројатно за Гершкович.

И покрај тоа што Гершкович е во затвор речиси една година под обвинение за шпионажа, Москва досега не успеа јавно да обезбеди докази за поддршка на тврдењата за шпионажа.

Во интервјуто, Путин ги повтори наводите за шпионирање, но не даде никакви докази.

Карлсон ги отфрли тврдењата за шпионажа, во еден момент велејќи: „Човекот очигледно не е шпион“.

Поранешниот водител на „Фокс њуз“, исто така, го праша Путин дали ќе го ослободи Гершкович „како знак на вашата пристојност“.

Путин одговори велејќи дека Русија останала без „гестови на добра волја“.

Во интервјуто не се спомна вториот американски новинар кој моментално е затворен во Русија: Алсу Курмашева, уредничка од Прага во сестринскиот медиум на Гласот на Америка, Радио Слободна Европа/Радио Слобода.

Курмашева отпатувалa во Русија во мај 2023 година поради семеен итен случај.

Кога во јуни се обидела да ја напушти земјата, и` биле одземени пасошите.

Таа чекала да ѝ бидат вратени пасошите кога била приведена во октомври под обвинение дека не се регистрирала како „странски агент“.

Властите подоцна додадоа обвиненија за ширење лажни информации за руската војска.

Курмашева и нејзиниот работодавец ги отфрлаат обвиненијата против неа.

XS
SM
MD
LG