Линкови за пристапност

Новинарите го критикуваа Такер Карлсон поради интервјуто со Путин


Објавата на поранешниот водител на Фокс њуз, Такер Карлон во вторникот дека го интервјуирал рускиот претседател Владимир Путин наиде на неодобрување од низа новинари, од кои некои велат дека Кремљ може да го искористи интервјуто за пропагандни цели.

Во видеото објавено на платформата за социјалните медиуми X, Карлсон рече дека сака да го интервјуира долгогодишниот руски лидер бидејќи „Американците имаат право да знаат сè што можат за војната во која се вмешани“.

Во средината на март, Русија треба да одржи претседателски избори, на кои Путин е загарантиран дека ќе победи. Путин веројатно се согласил на интервјуто со Карлсон затоа што мисли дека тоа ќе му помогне на неговата кампања, според Михаил Рубин, заменик-главен уредник на рускиот истражувачки медиум Проект медиа. Карлсон „треба да разбере дека тој е дел од кампањата за претседателските избори и ќе му помогне на Путин, за жал“, изјави Рубин за Гласот на Америка.

Рубин додаде дека интервјуто на Карлсон најверојатно ќе се искористи за да се наслика Москва во позитивно светло.

„Најважно е да се покаже дека Путин е отворен и дека американските новинари можат да работат во Русија бидејќи Русија е отворена и слободна земја“, рече Рубин. Но, тој наратив е очигледно лажен, рече Рубин, кој избега од земјата во 2021 година од безбедносни причини.

„Ако одам во Русија, колку што разбрав, ќе бидам уапсен следниот ден“, рече Рубин, кој сега е со седиште во Вашингтон.

„Не сум сигурен дека некогаш повторно ќе го видам татко ми“, рече тој.

Други руски новинари споделија слични критики на социјалните мрежи. „Јас сум како стотици руски новинари кои мораа да заминат во егзил за да продолжат да известуваат за војната на Кремљ против Украина.

Алтернативата беше да се оди во затвор“, рече руската новинарка Евгенија Албатс на X.

Карлсон, исто така, привлече критики затоа што ја игнорира лошата состојба на слободата на печатот во Русија, што доведе до апсење на голем број новинари во земјата и принуди многу други на егзил. „Сосема нешто за жалење за тоа како не доволно американски новинари известуваат за руската страна за инвазијата на Путин на Украина кога двајца од нив - Еван Гершкович и Алсу Курмашева - се во затвор токму сега поради тоа“, изјави Макс Седон, шеф на московското биро за Фајненшл Тајмс, се вели во објава на Х.

Гершкович од Вол Стрит Журнал беше уапсен во март 2023 година под обвинение за шпионажа што тој, неговиот работодавец и американската влада жестоко ги негираат.

Курмашева, уредничка на сестринскиот медиум на Гласот на Америка, Радио Слободна Европа/Радио Слобода, беше затворена во октомври 2023 година и се соочува со обвиненија за непријавување како „странски агент“ и ширење лажни информации за руската војска.

Таа и нејзиниот работодавец ги отфрлаат обвиненијата. Покрај Курмашева и Гершкович, најмалку 20 други новинари биле затворени во Русија до крајот на 2023 година, според податоците на Комитетот за заштита на новинарите.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека интервјуто е снимено во вторникот. Интервјуто најверојатно ќе биде објавено во четврток, според Вол Стрит Журнал. Карлсон рече дека ќе биде поставено во живо и немонтирано на X, каде што започна шоу откако ненадејно беше отпуштен од конзервативниот канал Фокс њуз минатата година.

Десничарската телевизиска личност водеше емисија во ударен термин на Фокс од 2016 година до неговото отпуштање во 2023 година. Заминувањето на Карлсон дојде набргу откако Фокс се согласи да плати над 787 милиони долари на Dominion Voting Systems за да ја реши тужбата за клевета поради лажни изборни тврдења, многу од кои самиот Карлсон пропагираше.

Мрежата Такер Карлсон не одговори веднаш на барање за кометар од Гласот на Америка.

XS
SM
MD
LG