Линкови за пристапност

Претставничкиот дом испрати јасна порака за лидерството на САД во светот, кажа Бајден за помошта за Украина


Го повикувам Сенатот брзо да го испрати овој пакет на мојата маса за да можам да го потпишам како закон и ние брзо да испратиме оружје и опрема во Украина за да ги задоволиме нивните итни потреби на бојното поле, истакна тој
Го повикувам Сенатот брзо да го испрати овој пакет на мојата маса за да можам да го потпишам како закон и ние брзо да испратиме оружје и опрема во Украина за да ги задоволиме нивните итни потреби на бојното поле, истакна тој

Претставничкиот дом на САД денес го усвои со двопартиска поддршка, пакет од 95 милијарди долари странска помош за Украина, Израел и Тајван, ставајќи го долго оспоруваното законодавство на пат за усвојување по долг, тежок пат низ Конгресот.

Законодавството вклучува 60 милијарди долари за тековната војна на Киев против инвазијата на Москва, како и 26 милијарди долари за Израел и хуманитарна помош за цивилите во конфликтните зони, вклучително и Газа, и 8 милијарди долари за Индопацифичкиот регион.

„Денес, членовите на двете партии во Претставничкиот дом гласаа за унапредување на нашите национални безбедносни интереси и испраќање јасна порака за моќта на американското лидерство на светската сцена. Во оваа критична точка на пресврт, тие се собраа да одговорат на повикот на историјата, усвојувајќи го итно неопходното законодавство за национална безбедност за кое се борев со месеци да го осигурам“, рече претседателот Џо Бајден во изјавата денес.

„Го повикувам Сенатот брзо да го испрати овој пакет на мојата маса за да можам да го потпишам како закон и ние брзо да испратиме оружје и опрема во Украина за да ги задоволиме нивните итни потреби на бојното поле“, истакна тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази благодарност, велејќи дека американските законодавци се придвижиле да ја задржат „историјата на вистинскиот пат“.

„Виталниот предлог-закон за американска помош усвоен денеска од Претставничкиот дом ќе спречи проширување на војната, ќе спаси илјадници и илјадници животи и ќе им помогне на двете наши нации да станат посилни“, рече Зеленски на Х.

Спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, републиканец од Луизијана, ги структурираше нацрт-законите така што сите тие можат да се комбинираат во еден откако ќе се одобри секој поединечен предлог-закон, за да спречи противењето на кое било парче да го попречи целиот договор.

Сенатот со демократско мнозинство се очекува да го преземе законот веднаш в вторник, а потоа да го испрати до бирото на претседателот Џо Бајден за да биде потпишан како закон.

„Светот гледа што прави Конгресот“, се вели во соопштението на Белата куќа во петокот.

„Донесувањето на овој закон ќе испрати моќна порака за силата на американското лидерство во клучен момент. Администрацијата ги повикува двете комори на Конгресот брзо да го испратат овој дополнителен пакет за финансирање до бирото на претседателот“.

Предлог-законот за наметнување нови ограничувања на платформата за социјални медиуми ТикТок беше првата од четирите мерки што беа усвоени во саботата, со гласови од 360 „за“ и 58 „против“.

Таа мерка бара кинеската матична компанија да го продаде својот удел во рок од една година или ќе се соочи со забрана во САД.

Таа, исто така, ќе му овозможи на претседателот да воведе нови санкции против Русија и Иран.

Вториот предлог-закон, кој беше усвоен со двопартиско мнозинство од 385-34 гласови, обезбеди милијарди помош за Индопацифичкиот регион. Мерката од 8 милијарди долари е наменета за спротивставување на Кина преку инвестирање во подморска инфраструктура и помагање на Тајван преку воено финансирање.

Третиот беше значаен пакет помош - 60 милијарди долари - за Украина во нејзината тековна војна против Русија.

Предлог-законот беше усвоен со гласови 311-112. Предлог-законот има важни импликации не само за Украина, туку и за цела Европа, според Стивен Мур, основач на Проектот за слобода на Украина, кој доставува хуманитарна и воена помош до првите линии.

„Владимир Путин јасно стави до знаење дека ако ја преземе Украина, тогаш следните се земјите од НАТО“, изјави тој за Гласот на Америка.

„Ова не се однесува само на Украина. Станува збор за застанување против страшно човечко суштество кое сака да го потчини остатокот од Европа“.

„Ова испраќа порака до ладимир Путин, до Иран, до Северна Кореја и до Кина, дека не се откажуваме од нашата улога како лидер во светот“, додаде Мур, кој е со седиште во Киев.

Усвојувањето на законот во Претставничкиот дом доаѓа по повеќемесечните републикански напори да ја блокираат дополнителната помош за Украина.

„Републиканското раководство, мислам, го одложи ова непотребно“, изјави денес конгресменот Адам Смит, демократ од сојузната држава Вашингтон, за украинската редакција на Гласот на Америка.

Смит рече дека очекува помошта да ѝ биде доставена на Украина „речиси веднаш“ откако законот ќе биде усвоен од Сенатот и потпишан од претседателот Бајден.

Конечната мерка што требаше да се донесе во сабота беше пакет од 26 милијарди долари за Израел, вклучително и 9,1 милијарди долари за хуманитарни потреби.

Бајден ја потврди поддршката за пакетот помош претходно оваа недела.

„Израел се соочува со напади без преседан од Иран, а Украина се соочува со континуирано бомбардирање од Русија, кое драматично се интензивираше во последниот месец“, рече тој во изјавата.

„Претставничкиот дом мора да го усвои пакетот оваа недела и Сенатот треба брзо да го следи“, додаде Бајден.

„Ќе го потпишам овој закон веднаш за да испратам порака до светот: стоиме со нашите пријатели и нема да дозволиме Иран или Русија да успеат“.

Катерина Лисунова од Гласот на Америка придонесе за овој извештај. Некои информации се од Ројтерс, Асошиетед прес и агенцијата Франс-прес

Поврзано

XS
SM
MD
LG