Линкови за пристапност

На Украина ѝ е потребна помош, како на Израел, кажа Зеленски


Украинскиот претседател повторно го повика Конгресот на САД да го одобри виталниот пакет помош што со месеци е блокиран поради политичките расправии
Украинскиот претседател повторно го повика Конгресот на САД да го одобри виталниот пакет помош што со месеци е блокиран поради политичките расправии

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата го осуди иранскиот напад врз Израел и рече дека на неговата земја ѝ е потребна помош од нејзините сојузници за да ги одврати заканите од воздухот, исто како што тоа го направи Израел.

Зеленски повторно го повика Конгресот на САД да го одобри виталниот пакет помош што со месеци е блокиран поради политичките расправии.

Украинските сили се соочуваат со нови напади од руските трупи на исток и секојдневни напади врз градови и инфраструктура од руски ракети и беспилотни летала.

Пишувајќи на платформата за социјални медиуми Х, Зеленски рече:

„Акциите на Иран го загрозуваат целиот регион и светот, исто како што акциите на Русија се закануваат со поголем конфликт, а очигледната соработка меѓу двата режима во ширењето терор мора да се соочи со решителен и обединет одговор од светот“.

Говорејќи подоцна во неговото ноќно видеообраќање, претседателот рече дека светот видел оти „Израел не беше сам во својата одбрана - заканите на небото беа уништени и од неговите сојузници“.

„И кога Украина вели дека сојузниците не можат да замижуваат пред руските ракети и беспилотни летала, тоа значи дека е неопходно да се дејствува и да се дејствува силно“.

„И фактот дека ние во Украина со месеци чекавме за витален пакет поддршка - фактот дека сè уште чекаме гласање во Конгресот - сведочи за фактот дека довербата на терористите исто така расте со месеци“, рече тој.

„Нема повеќе време за губење“.

Мајк Џонсон, спикерот на Претставничкиот дом на САД, во неделата рече дека ќе се обиде да обезбеди усвојување на помош за Израел оваа недела по нападот на Иран, но не кажа дали законот ќе вклучува помош за Украина и другите сојузници.

Иран ѝ достави на Русија илјадници беспилотни летала во текот на нејзината инвазија на Украина од февруари 2022 година.

Зеленски со месеци ги повикува западните сојузници на Украина, особено САД, да повикаат на „политичка волја“ да обезбедат воздушна одбрана и оружје што ѝ е потребно на Украина.

Зеленски во саботата рече дека Германија ќе ѝ достави на Украина систем за воздушна одбрана „Патриот“ од американско производство и противвоздушна одбрана во „критично време“.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, говорејќи на националната телевизија во неделата, рече дека преговорите продолжуваат за обезбедување на повеќе системи „Патриот“, но тој изрази одредена фрустрација поради бавното темпо на нивно обезбедување.

„Со сета моја должна почит и благодарност до САД, дали верувате дека армијата на САД нема ниту една резервна батерија Патриот што може да ја пренесе во Украина?“ рече тој.

XS
SM
MD
LG