Линкови за пристапност

Руските пратеници изгласаа воведување санкции кон Грузија


Владата сè уште нема донесено одлука за санкциите, иако портпаролот на Кремљ ги обвини грузиските лидери за ширење антируска хистерија

Руските пратеници едногласно изгласаа резолуција за воведување санкции против Грузија, во екот на зголемени тензии меѓу двете соседни земји.

Со резолуцијата од Руската Дума се предлага Москва да воведе санкции против, како што се вели, непријателското однесување на Грузија.

Портпаролот на Думата, Вјачеслав Володин, рече дека законодавците бараат забрана за увоз на грузиските вина и минерална вода во Русија, како и да се запре протокот на парични средства од Русија кон Грузија.

Сепак, според портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, владата сè уште нема донесено одлука за санкциите, иако ги обвини грузиските лидери за ширење, како што рече, антируска хистерија.

Односите меѓу двете земји се заострија во последните неколку недели. Кон крајот на минатиот месец дојде и до протести во Тбилиси поради говор на руски парламентарец во грузискиот парламент. За време на протестите се случија и насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Релациите уште повеќе се влошија откако водител на Грузиската телевизија имаше подолг говор со кој пред камерите упати критики кон претседателот Владимир Путин.

Тензиите меѓу двете земји траат повеќе од една декада. Во 2008 година, имаа и меѓусебен воен судир во кој загинаа стотици лица. Конфликтот заврши со руска окупација на два грузиски региона. После воениот судир, двете земји не воспоставија дипломатски односи.

XS
SM
MD
LG