Линкови за пристапност

Русија дозволи конзуларен пристап до уапсениот Американец обвинет за шпионажа


Руските власти дозволија конзуларен пристап до пензионираниот американски маринец, Пол Вилан кој беше уапсен под наводни обвиненија за шпионажа.

Пристапот беше одобрен само неколку часа откако американскиот државен секретар Мајк Помпео кажа дека очекува објаснување зошто е уапсен Американецот и побара негово ослободување, ако тој бил уапсен неправедно.

Во понеделникот, официјални претставници на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) издадоа соопштение во кое се вели дека американскиот државјанин Пол Вилан бил притворен на 28-ми декември „кога извршувал акт на шпионажа“ и дека била отворена кривична истрага.

Тие не дадоа никакви детали, но руската државна новинска агенција ТАСС соопшти дека ако Вилан биде осуден, се` соочува со 20 години затвор.

Вилан работи како директор за глобална безбедност во американската компанија Борг Варнер која се занимава со достава на авто делови.

Семејството дознало за апсењето од руските државни медиуми, и затоа тие контактирале претставниците на Конгресот и американски дипломати.

„Ние сме загрижени за неговата безбедност и здравје“ велат од семејството на Вилан. „Тој несомнено е невин и ние веруваме дека неговите права ќе бидат почитувани“.

Апсењето се совпадна со неколку шпионски скандали кои ги влошија тензиите меѓу Русија и Западот, вклучувајќи го труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија.

Веста за апсењето на Вилан дојде на помалку од 24 часа откако рускиот претседател Владимир Путин испрати новогодишна честитка до американскиот претседател Доналд Трамп во која рече дека Москва е отворена за продолжителен дијалог со Вашингтон по голем број теми.

Во 2016-та година, весникот Известија кој важи за близок до Кремљ соопшти дека во тоа време во руските затвори имало 13 американски државјани. Оттогаш Кремљ не објави детали за други Американци кои моментно се наоѓаат во руски притвор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG