Линкови за пристапност

Претседателот Трамп ќе го брифира Конгресот за заканите од Иран


Разговорите следат по сомнежите дека Иран е одговорен за минатонеделните напади на две саудиски нафтени станици, како и претходно саботирање на четири танкери за нафта

Високи претставници на администрацијата на претседателот Трамп денеска на седница зад затворени врати ќе ги информираат членовите на Конгресот за тоа каква воена закана претставува Иран на Блискиот Исток.

Меѓу оние што денеска ќе бидат во Капитол Хил се и државниот секретар Мајк Помпео, вршителот на должност секретар за одбрана на САД Патрик Шанахан и Командантот на Здружениот генералштаб на САД Џозеф Данфорд.

Тие планираат да разговараат со законодавците по сомнежите на американски официјални лица дека Иран е одговорен за минатонеделните напади на две саудиски нафтени станици, како и претходно саботирање на четири танкери за нафта.

Трамп вчера рече дека Иран е „многу непријателски“ настроен и дека САД нема да имаат друг избор освен да реагираат на иранската агресија „со голема сила“.

Вчера, иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф сугерираше дека претседателот Доналд Трамп треба „да се обиде да почитува“ наместо да се заканува.

Тој одговори на неделниот пост на Твитер во кој Трамп напиша: „Ако Иран сака војна, тоа ќе биде официјалниот крај на Иран. Никогаш повеќе не се заканувајте на САД!“

Зариф рече дека Трамп, под притисокот на неговиот советник за национална безбедност, Џон Болтон и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обидуваат да го постигнат она што „другите агресори не успеаја“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG