Американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на разговори денес во Белата куќа, а примирјето на Израел со милитантите на Хамас во појасот Газа е на врвот на агендата.
Разговорите доаѓаат во клучната фаза од прекинот на огнот. Израел и Хамас имаат помалку од четири недели да се договорат за условите на втората фаза, која ќе вклучува ослободување на сите преостанати заложници држени во Газа, траен прекин на борбите и повлекување на Израел од територијата.
„Немам гаранции дека мирот ќе се одржи“, им рече Трамп на новинарите вчера.
Пред посетата на Белата куќа, Нетанјаху вчера се сретна со американскиот претставник за Блискиот Исток Стив Виткоф, кој беше дел од напорите за обезбедување на договорот за прекин на огнот.
Во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху се вели дека средбата била „позитивна и пријателска“ и дека тој ќе се сретне со неговиот кабинет за безбедност по враќањето од САД со цел „да разговараат за целокупните позиции на Израел во однос на втората фаза од договорот“.
Се очекува Виткоф да разговара со катарските и египетските официјални лица додека трите земји продолжуваат со нивната улога на посредување во прекинот на борбите.
Покрај прекинот на огнот, Нетанјаху рече дека тој и Трамп ќе разговараат за спротивставување на иранската агресија и проширување на дипломатските односи со арапските земји.
Трамп посредуваше во договорите за нормализација меѓу Израел и четири арапски земји во неговиот прв мандат.
Тој сега бара поширок договор во кој Израел ќе воспостави врски со Саудиска Арабија. Но, Саудиска Арабија рече дека ќе се согласи на таков договор само ако заврши војната во Газа и постои веродостоен пат до палестинска држава во Газа, Западниот Брег и источен Ерусалим, територии што Израел ги зазеде во војната на Блискиот Исток во 1967 година.
САД ја поддржуваат палестинската државност, но владата на Нетанјаху е против.
Хамас, означена од САД како терористичка група, досега ослободи 18 заложници, додека Израел ослободи стотици палестински затвореници.
Војната во Газа започна со нападот на 7 октомври 2023 година, во кој милитантите на Хамас убиле 1.200 луѓе, а околу 250 луѓе зеле како заложници.
Во контраофанзивата на Израел во текот на 15-месечното војување загинаа повеќе од 47.500 Палестинци, повеќе од половина од нив жени и деца.
Израелската војска соопшти дека билансот на загинатите вклучува 17.000 милитанти што ги убила.
Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс