Сирија ја критикуваше израелската евакуација на стотици доброволни спасувачки работници познати како Бели шлемови, нарекувајќи ја „криминална операција“.
Државната новинска агенција САНА цитира извор од Министерството за надворешни работи, кој вели дека операцијата од саботата вечер ја открила „вистинската природа“ на Белите шлемови, кои се нарекуваат и Сириска граѓанска одбрана, како и улогата на Израел и на други нации во поддршката на „терористички групи“.
За време на сирискиот конфликт, Владата ги обвинуваше спасувачите за соработка со бунтовничките борци со помош на други нации.
Сирија, исто така, повеќе пати за борбите што започнаа во 2012 обвинува странски влади, и оние кои се спротивставуваат на режимот на претседателот Башар ал-Асад ги нарекува терористи.
Израелските одбранбени сили ги идентификуваат спасувачките работници како цивили, и на Твитер кажаа дека тие биле „евакуирани од воената зона во Јужна Сирија заради непосредна опасност по нивниот живот. Трансферот на раселени Сиријци преку Израел е исклучителен хуманитарен гест“.
Тие биле пренесени во Јордан со конвој од автобуси придружени од израелска полиција и возила на ОН.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека претседателот Доналд Трамп и канадскиот премиер Џастин Трудо последниве денови побарале од него да ја овозможи евакуацијата.
„Животот на овие луѓе кои спасуваа други луѓе сега е во опасност, и затоа авторизирав трансфер преку Израел во други држави како важен хуманитарен потег“, вели Нетанјаху.
Американскиот Стејт департмент го поздрави спасувањето на „овие храбри доброволци, кои спасија илјадници животи“.
Facebook Forum