Линкови за пристапност

Македонија ги почна пристапните преговори со НАТО


Македонија ги почна пристапните преговори со НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:25 0:00

Прашањето е како Македонија ќе успее да ги заврши внатрешните обврски во услови на отсуство на конструктивна комункација меѓу власта и опозицијата

Македонија од денеска ги почнува пристапните преговори за членство во НАТО – Алијансата во земјава прати тим кој во наредните денови ќе разговара за низа прашања кои се дел од постапката на зачленување. Се најавува интензивен период на преговори што ќе трае неколку месеци, најдоцна до крајот на годината. Проценките се дека целиот процес – од стартот на разговори, до полноправно членство ќе одзмеме 18 месеци.

„Оваа недела сме тука за да ги имплементираме одлуките што ги донесоа шефовите на држави и влади на НАТО-членките на Самитот во Брисел, а тоа е да почнеме пристапни преговори за членство. Разговаравме за клучните елементи од работата што следи во наредните месеци на процесот на пристапување. Станува збор за низа разговори со разни министерства за нештата неопходни за вашата земја да стане 30-та членка. Ќе се разговара за политички, воени, одбранбени и финансиски обврски што доаѓаат со членството, како и за сите технички и законски договори што ќе треба да се потпишат“, изјави директорот за европски и глобални прашања на НАТО алијансата Џејмс Меки.

Меки потсети дека дури откако ќе завршат домашните процедури, мислејќи на уставните измени, ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол кај сите 29 НАТО-членки, вклучувајќи ги и измените.

„Оваа НАТО-делегација е формирана веднаш по носењето на одлуката во Брисел што значи дека НАТО е подготвен веднаш да одговори на заложбите за „отворени врати“, што значи тие имаат намера да ги исполнат нивните, а ние мора да ги исполниме нашите обврски“, рече националниот координатор за НАТО во Македонија, Стево Пендаровски.

Прашањето е како Македонија ќе успее да ги заврши внатрешните обврски во услови на отсуство на конструктивна комункација меѓу власта и опозицијата, што се манифестираше и на денешната неуспешна седница на комисијата за надворешни работи на која требаше отчет да даде шефот на дипломатијата. Проблемот настана околу можноста пратениците да ги добијат класифицираните материјали за преговорите за името.

„Ние сме во еден деликатен процес. Се што ќе излезе во нашата јавност ќе се пренесе и во грчката јавност и таму може да им ја отежниме работата и за мене е многу поважно процесот да успее и да има резултат отколку јас денеска да излезам победник, а сите да излеземе поразени по крупната тема. Ќе дојде време, рече, ќе се декласифицираат сите работи“, изјави министерот на надворешни работи Никола Димитров.

Она што сега Македонија ја чека е организирање на референдум за договорот од Преспа – кој, според најавите на власта, собранието со или без опозицијата ќе го распише до крајот на месецов.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG