Линкови за пристапност

Кој се плаши од Законот за спречување и заштита од дискриминација?


Седумдесет невладини организации го потпишаа писмото со кое изразија поддршка на новиот Предлог закон за спречување и заштита од дискриминација, испратен од Владата на усвојување во Собранието уште во јули 2018 година, и побараа негово итно усвојување. Сепак, постојат и ставови дека законот е неприфатлив за македонското општество, „бидејќи е спротивен на божјите закони и законите на природата“

„Блокадата на разгледувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација во собраниската Комисија за труд и социјална политика, ни причинува сериозна грижа во однос на примената на принципот и еднаквост и недискриминација, како и во унапредувањето на остварувањето на човековите права и слободи на граѓаните на Република Македонија“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, претседателот на УО на организацијата „Субверзивен фронт“, Антонио Михајлов.

За подобрување на законската регулатива во Македонија и за усогласување со правото на ЕУ и со меѓународните стандарди во однос на заштитата од дискриминација, минатата година започна процес на подготовка на нов текст на Законот за спречување и заштита од дискриминација, чиј концепт се заснива на меѓународните норми и стандарди содржани во документи усвоени од ООН, ЕУ и Советот на Европа, како и во македонскиот Устав, а подготвувачите на Законот имале и компаративен преглед на регулативата од други земји во кои постојат слични закони. Но, иако, уште во декември минатата година Мрежата за заштита од дискриминација реагираше поради дотогаш шестмесечното, континуираното одложување на усвојувањето на поднесениот Предлог закон во Собранието, каде спротивно на сите меѓународни препораки и ветувања од Владата и од парламентарното мнозинство дека законот ќе биде донесен до крајот на 2018 година, надлежната Комисија во Собранието не го разгледуваше.

Во декември 2018, Мрежата реагираше и затоа што дел од пратениците на седница на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието, „развиле расправа за спротивноста на предметниот закон со религијата, што само по себе претставува скандал, имајќи предвид дека Република Македонија е секуларна држава“.

Минатата недела и вице-премиерот Бујар Османи (ДУИ) во ТВ настап потврди дека „имa одредени разлики меѓу политичките партии по однос на одредени категории кои што треба да бидат вклучени во законот“...

Реагираше Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, која изрази особена загриженост што ваква изјава доаѓа токму од вицепремиерот Османи, во чиј мандат е евроинтеграцијата, наместо тој да е промотор на демократизација, владеењето на правото и заштита на темелните човекови права: „Законот за спречување и заштита од дискриминација не е закон за ЛГБТИ-заедницата, туку сеопфатно законско решение кое цели да изгради ефикасен систем за спречување и заштита од дискриминација за сите граѓани, вклучително ефикасна заштита од дискриминација врз основа на етникум за граѓаните-Албанци“.

Вицепремиерот Османи потоа ретерираше и излезе со став дека и владеачката ДУИ го поддржува и ќе гласа за подршка на Законот: „Точно е дека реков дека се` уште има предрасуди во партиите, вклучувајќи ја и мојата партија, поради некои мислења дека можеби електоратот има предрасуди. Јас мислам дека и електоратот и луѓето созреваат во однос на ова прашање и ДУИ го рефлектира тој став и дава поддршка“.

Откако деновиве дури седумдесет невладини организации го потпишаа писмото со кое изразија поддршка на новиот Предлог закон за спречување и заштита од дискриминација, испратен од Владата на усвојување во Собранието уште во јули 2018 година, и побараа негово итно усвојување, Гласот на Америка на македонски јазик побара изјава од еден од предлагачите, господинот Михајлов.

„Неможноста за расправа во матичната собраниска комисија за овој закон во период повеќе од шест месеци и изјавата на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, ни ги потврдија стравувањата и сомнежите дека токму вклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација може да бидат една од причините за одолговлекувањето на процесот на усвојување на овој закон. Сепак, нејасно е зошто се блокира расправата по овој закон и тоа од претедателот на Комисијата – Влатко Ѓорчев (ВМРО-ДПМНЕ), како и од пратениците кои членуваат во Комисијата, а се дел од владината коалиција (ДУИ и ПЦЕР), кога два пати претходно, при усвојувањето на измените на Кривичниот законик, како и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пратениците од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа вклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита од говор на омраза“, ни изјави Михајлов.

Според него, со усвојувањето на новиот предлог Закон за спречување и заштита од дискриминација, „Република Македонија ќе ги исполни своите обврски што ги има преземено пред ЕУ, Советот на Европа и комитетите на ООН, ќе обезбеди професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација, препознавање на сите форми и видови на дискриминација, како и ефикасни и брзи постапки за заштита од дискриминација“.

Во писмото кое го поддржаа седумдесетте невладини организации, се потенцира и дека „со усвојувањето на новиот закон, државата покажува политичка волја за афирмација на основните човекови права, нивна промоција, како и унапредување на нивната заштита. Донесувањето на овој закон обезбедува примена на принципот на еднаквост и ефективно спречување и заштита од дискриминација, како и унапредување во остварувањето на човековите права и слободи на сите граѓани во Република Македонија“.

Но, иако граѓанскиот сектор во голем дел го поддржа законот, постојат и спротивставени мислења.

Неделава, Светскиот Македонски конгрес (СМК) испрати соопштение дека е против секоја дискриминација поради еднаквоста на сите пред Уставот и законите, но дека „Законот за антидискриминација е неприфатлив за македонското општество, бидејќи е спротивен на божјите закони и законите на природата“.

Според Конгресот, правото на поединецот и на било кое малцинство не може да биде основа за малцинска мајоризација врз мнозинството. „Секој поединец и малцинство е должно да ги почитува законите на мнозинството!“, тврди организацијата според која, треба да се „отфрли дефинирањето на ’родовиот идентитет’, спротивно на биолошката одреденост и можноста за хомосексуални бракови и посвојување на деца, наспроти бракот како заедница меѓу еден маж и една жена во којшто природно мажот е татко, а жената мајка!“

СМК порачува дека ги поддржува традиционалните цивилизациски вредности: бракот, семејството, верата и државата, и очекува општество со образование и воспитание на младите во духот на овие вредности: „Македонија ја почитува приватноста на личноста, но бракот меѓу мажот и жената е вредност на заедницата!“. Според СМК, секое дете треба да има развој во општество кое ги афирмира вредностите на бракот и семејството, „и да расте со љубов од татко и мајка како природни и законски родители, или да биде со законско старателство без право на посвојување од истополни партнери“.

Од друга страна, препораките за усвојување на Законот за спречување и заштита од дискриминација и за усогласување на останатата законска регулатива се дел и од извештајот на Европската комисија, која смета дека е од суштинско значење да бидат вклучени сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација. Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во изјавата за МИА потврдува: „Нашата позиција е јасна: Нацрт законот за спречување и заштита против дискриминација го подобрува усогласувањето со европските стандарди и ЕУ законодавството, ова треба да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација“.

И претседателката на ДОМ и координаторка на интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ-лицата во македонскиот парламент, Маја Морачанин, говорејќи за активностите што групата ги презема за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето и нивна заштита од дискриминација, насилство, говор на омраза и стигматизирање, го поддржа новиот закон и потенцираше дека „Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ-лицата дава активен придонес за развој на нашето општество како современо, во кое се применуваат европските вредности на почитување на човековите права и слободи, принципите на толеранција, ненасилство и недискриминација по кој било основ, вклучително и сексуалната ориентација и родовиот идентитет“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG