Децата престанаа да доаѓаат да играат во овој забавен парк во Ал Баат, главниот град на сириската провинција Ал-Кунеитра, која се граничи со Голанската висорамнина, регион во Сирија, кој Израел го зазеде пред повеќе од половина век.
Истиот декемвриски ден кога падна режимот на Башар ал Асад, израелските сили влегоа во овој град. Сега, тенк се наоѓа на само неколку стотина метри од овие празни лулашки.
Израелските сили ја презедоа контролата врз областа означена како тампон зона во рамките на сириската територија, воспоставена според примирјето од 1974 година со кое заврши војната меѓу двете земји.
Тенкови, војници, воени контролни пунктови сега ја окупираат оваа зона, која официјално е под контрола на ОН.
„Ништо не ги спречува Израелците да влезат во градот. Тие ги прекршуваат договорите од 1974 година, а нивните тенкови стигнаа дури и до општината“, вели Билал Слиман, официјален претставник од Ал Баат.
Слејман објаснува дека повеќето од селата околу Ал Баат биле окупирани од израелските сили на 8 декември. Тие почнале да пребаруваат по домови и јавни згради за оружје.
Израел вели дека окупацијата е привремена, но жителите стравуваат дека нема да биде така.
Многу од оние коишто живеат во оваа област првично беа раселени од Голанската висорамнина, окупирана од Израел за време на шестдневната војна во 1967-ма, и оттогаш анектирана.
„Не верувам дека се работи за оружјето. Има поширока, долгорочна цел. Сакаат да окупираат повеќе земја. Голан е богат со водни ресурси и плодна почва, а тие се алчни да го поседуваат тоа“, вели Сиван, пензионирана учителка.
Оние кои се обидоа да протестираат против окупацијата велат дека израелските сили возвратиле со насилство.
Најмалку едно лице е застрелано, а многумина тврдат дека биле претепани или уапсени.
Гласот на Америка се обрати до претставници на израелските одбранбени сили за коментар на обвинувањата, но не доби одговор.
Мохамед Фајад, адвокат во Ал Баат, вели дека бил уапсен и нападнат од израелски војници додека бил во посета на блиското село со француски новинар пред неколку недели.
„Ме соборија на земја и ми вперија пушка. Бев со врзани очи и со лисици, не можејќи да се спротивставам. Постојано им кажуваа на цивилите дека наскоро ќе бидеме ослободени. Апсењето се случи пред очите на децата и другите цивили“, вели Фајад.
Израелската влада вели дека планира да го задржи она што премиерот Бенјамин Нетанјаху го нарекува „привремена одбранбена позиција“ и најави дека ќе ги задржи своите сили во Сирија додека не се формира нова, постојана сириска влада.
Сириската преодна влада сака израелските сили да заминат. Нивните повици ги повтори и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој исто така повика Израел да се повлече од таа територија.
Facebook Forum