Во училиште во Орграм, во индиската држава Западен Бенгал, се случува нешто необично. Тоа е единствената исламска мадраса во Индија, а веројатно о во светот, каде муслиманите се малцинство.
Над 60 проценти од учениците овде се Хиндуси. Родителите од околно село велат дека го преферираат ова училиште пред другите, заради умерениот, вклучителен приод кон образованието.
Образовниот материјал и храната се бесплатни за учениците, кои се од машки и од женски пол, а се предава многу математика, природни науки и практични вештини како користење на компјутери.
Курсеви на арапски и основна исламска теологија се клучни предмети за секој ученик – но тоа е се` што се однесува на религијата.
Еден ученик вели дека многу од неговите хиндуски пријатели го задеваат – како може Хиндус да учи во муслиманска мадраса? Тој им одговара дека грешат- дека оваа модерна мадраса е наменета за ученици од сите религии. Тој им вели дека може да учат во мадраса и сепак да останат Хиндуси.
Млада ученичка вели дека не нашла дека исламот е различен од хиндуизмот зашто и двете религии проповедаат порака за мир. Со учење во ова училиште таа вели дека сега повеќе го разбира исламот и дека тоа ја приближило до Муслиманите во општеството.
Мадрасата во Орграм во 2008 е признаена за една повеќе од 500-те „модел-мадраси“ во Западен Бенгал, кои би можеле да добијат поддршка од владата. Училиштата се надеваат дека ќе бидат контраст на поидеолошките мадраси, особено во блискиот Авганистан или Пакистан, кои често се критикуваат како разгорувачи на екстремизмот и милитантството.
Муслиманите прават над 13 проценти од индиската популација што брои над милијарда луѓе. Директорот Анвар Хусаин вели дека неговото училиште нуди ново средство за учење на Хиндусите и Муслиманите да ја надминат нивната често насилничка историја.
Тој рече дека училиштето понекогаш ги поканува муслиманските и хиндуските родители на семинари за промоција на на хиндустанско-муслиманска интеракција. Муслиманите, особено муслиманските жени, за кои се знае дека се поконзервативни, се охрабрени да исчекорат и да имаат интеракција. Тој вели дека на тој начин, мадрасата игра голема улога во одржување на хармонијата во заедницата.
Хусаин вели дека училиштето поттикнува дух на еднаквост – сеедно дали на религиозна или економска основа.
Тој вели дека учениците од сите хиндустански нивоа на касти го посетуваат училиштето и меѓу себе се дружат без правење разлики. Поделбата по касти и недопирливоста се нешта од минатото меѓу овие ученици.
Но, не се сите среќни со овој модел на мадраса.
Сами Мубарак е имам во џамија во Калкута, и потпретседател на националната исламска организација.
Тој се жали што на местото каде е училиштето нема џамија и што на децата не им се нуди молитва. Тој тоа го нарекува погрешно и неприфатливо.
Конзервативните Муслимани исто така имаат проблем со политиката на училиштето да ги става женските и машките ученици заедно, во иста училница.
Но наставниците во мадрасата во Орграм велат дека двата пола треба да ко-егзистираат во реалниот живот, и дека е добро учениците на таа возраст да почнат да учат како тоа се прави. Што се однесува до молитвите, тие велат дека учениците се слободни да одат подолу на улицата до локалната џамија.