Линкови за пристапност

Ифтарска вечера за мигрантите во транзитните центри во Северна Македонија


Ифтар 5
Ифтар 5

Повеќе од 800 оброци за Рамазанските пости досега беа поделени на бегалците од Далечниот исток кои престојуваат или поминуваат низ транзитните центри во Северна Македонија. Тоа се Табановце на јужната граница со Србија, Вино југ кај Гевгелија во близина на границата со Грција и центарот за мигранти во Визбегово кај Скопје. Од невладината организација Легис велат дека станува збор за иницијатива која ја спроведуваат неколку години.

„На почетокот на Рамазан, како и изминативе години, започнавме иницијатива за обезбедување на топол оброк за ифтар. Донатори се наши сограѓани од земјава но и оние кои се на работа во странство, а кои за 180 денари можат да донираат еден топол оброк. Најчесто уплаќаат средства за повеќе оброци на специјална жиро сметка за таа намена. На овој начин тие добиваат пообилни и поразлични оброци со што не мора самите да ги приготвуваат“, рече за Гласот на Америка, Јасмин Реџепи од невладината организација Легис од Скопје.

Реџепи вели дека задоволството кај овие луѓе било големо поради тоа што некој помислил и на нив за време на овие денови.

„Многу се благодарни на донаторите и упатуваат молитви за нивно здравје и бериќет. Посебно им е интересно кога ќе им однесеме тазе приготвени пити од наши сограѓани. За прв пат седнаа заедно да јадат кога почнаа рамазанските пости, а претходно секој јадеше сам со својата група или семејство. Некој добил еден оброк па заминал, а некој десет и се уште ќе добива ако остане“, додава Реџепи.

Од Легис велат дека ако останат средства ќе биде организиран и Бајрамски ручек како и празнични пакетчиња за децата кои престојуваат во камповите

„Задоволни сме од тоа како граѓаните на Македонија се отповикаа на нашата акција за овозможување на рамазанска вечера (ифтар) за бегалците во двата транзитни центри но и во центарот за азил во Скопје. Меѓу донаторите има и компании, но, секако најмногу се истакнуваат поединечните донации на граѓаните, за кои многу сме им благодарни“, изјави за Гласот на Америка, Мерсиха Смајловиќ, претседателка на Нво Легис.

Ифтар 4
Ифтар 4

Иако бројот на бегалци во овие центри секојдневно се менува, сите имаат пристап до правна и медицинска помош, сместување, храна и хигиена.

„Исто така постојат психо-социјални и спортски активности за нив, а ние како организација на Табановце имаме обезбедено и ИТ корнер за да може овие луѓе да комуницираат со своите семејства, како и Кафе корнер со кафе, чај, салеп и какао, за подобра нивна социјализација“, вели Реџепи.

НВО- Состојбата со бегалците кои транзитираат низ Северна Македонија е загрижувачка

Но некои забележуваат дека е потребно подобрување на условите во кои престојуваат овие луѓе и поголем интерес од страна на државата.

„Бројката на бегалци и мигранти постојано се менува и во транзитните центри. Но, условите таму како и секогаш не се достоинствени. Најбитното, тоа се кампови од затворен карактер во кој бегалците и мигрантите немаат слобода на движење. Но, во последниот период квалитетот на храната е доста намален, што укажува на фактот дека државата треба да ги превземе своите обврски“, додава Смајловиќ.

Смајловиќ предупредува дека и покрај се што тие како активисти прават состојбата со бегалците кои транзитираат низ Северна Македонија е загрижувачка

„Поради затворените граници и не аплицирањето на законските одредби од страна на институциите, како што е издавањето потврда за намера за азил, со кои бегалците и мигрантите би биле видливи за институциите но би им се овозможило и правото на користење на јавниот превоз, тие повторно се приморани да одат пеш со денови низ Македонија или па да ги користат услугите на криумчарите“, додава Смајловиќ.

Многу често во целиот изминат период од како беше затворена Западно-Балканската мигрантска рута овие луѓе беа мета на криумчари и локални криминални групи. Нивна крајна дестинација не е Северна Македонија ниту пак некоја од другите земји на Балканот туку државите од Западна Европа особено Германија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG