Линкови за пристапност

Кадровскиот карусел на Заев


И меѓу оние кои обично не „мрчат“, како што милува да каже премиерот, за противниците на сè по контроверзната кадровска политика и на цајтнот-потезите на власта, сè почести се критичарите кои и „коси почнаа да кубат“, обидувајќи се да погодат каде всушност, плови државата и кој го држи кормилото

„Македонскиот премиер Зоран Заев падна на колена пред Али Ахмети. Иако тој цело време зборуваше дека ќе го промени Владиниот кабинет, па дури и министрите на ДУИ, не успеа да направи таква промена. ДУИ, со одлука на Али Ахмети го отстрани само Хазби Лика, а другите не се ни допрени“, го пренесоа медиумите пишувањето на порталот на албански јазик, Тетова Сот, по повод најавените промени во Владата.

Уште поостар беше лидерот на проруската партија Единствена Македонија, Јанко Бачев кој го обвини премиерот дека „народот останува со прст во уста со романтичарските изјави на Заев дека Македонија отвори светла страница и економски напредок, се доближува до НАТО и ЕУ од каде ќе се истурат милијарди евра во Македонија и сите ќе бидат среќни и весели... “. Бачев се осврна и на промената со која, освен што ќе биде премиер, Заев ќе го раководи и ресорот финансии: „Тој сега ќе го има под лична контрола и буџетот од три милијарди евра. Се плашам дека прашање на време е кога Заев ќе донесе одлука да му се доделат на чување кај него дома и државните девизни резерви“.

И покрај острите напади од политичките противници, циничните оценки за кадровската вртелешка на власта на СДСМ и на ДУИ - од дел од експертите и колумнистите, па дури и покрај подбивањето на социјалните мрежи и во дел од медиумите, премиерот Заев сепак, може да очекува дека по долга и жестока дебата во парламентот, доцна ноќта меѓу средата и четвртокот, Македонија ќе има нова Влада.

Но, наместо очекуваната прашина, операцијата „Метла“ (со која Заев, како премиер и лидер на СДСМ, требаше да го намали незадоволството во јавноста, особено во нејзиниот непартиски и неутрален дел, поради бавноста во реформите и процесот на повторно воспоставување на правната држава) и самата реконструкција на Владата, како да се издишаа и пред одлуката на пратениците за новиот состав на кабинетот. Првичните реакции се сведуваат на молк од едната, и критики или саркастични забелешки, од другата страна на политичката клацкалица - дека „метлата“ се скршила уште пред да почне да се чисти. Според дел од реакциите, се работи за проѕирно, популистички мотивирано, зачистување на сопствениот двор - со очевидно поттурнување на нечистотијата под ќилимот, со што се купува време до неизбежната разврска меѓу, формално сè уште партнерите во власта - СДСМ и ДУИ.

Не се ретки ни поострите квалификации дека поради целосната фокусираност на власта врз надминувањето на проблемот со името со Грција, и по потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на името, реформите се на главно спореден колосек, а економијата дише на жабри. Од друга страна, со опструкциите на Специјалното јавно обвинителство, нема ни збор за расчистување со криминалот и хаосот кои цела деценија ја одбележаа македонската политичка сцена, па сè поотворено се изнесуваат стравувања дека и привидниот мир во последните две години, ќе биде со кус здив, ако конечно, не заживее правдата. Или, дека ќе се повтори драмата од периодот 2008-2016, но со нови актери, па дури и со враќање на сцената на некои од старите...

Премиерот Заев е навистина во тешка ситуација - како да ја контролира „двоглавата“ Влада, кога само со дисциплина ја контролира и партијата на чие чело е, зашто, СДСМ ниту се враќа на корените и се свртува кон изградба на држава во која ќе постои социјална правда и општествено одговорни чинители во политиката и во економијата, ниту, евентуално, го менува името, идеологијата и бира некој нов курс, за барем по него цврсто да зачекори.

И додека невладиниот сектор се залага за намалување на енормните привилегии на носителите на јавни функции, кои би биле голем товар и за далеку побогати држави од сиромашната Македонија, (која пак, со години наназад, странските инвестиции главно ги привлекува само со реклами за понижувачки ниската цена на работната рака и со широката лепеза на бенефиции на инвеститорите), во јавноста сè почесто се поставува прашањето за тоа каде, всушност, ја води Македонија Владата на Заев?

И покрај „недопирливоста“ на ДУИ која е единствен „кмет во своето село“ и чии министри му одговараат само на лидерот Ахмети, Владата и со последните промени, можеби сè уште може да се нарече социјал-демократска. но и во неа, во етнички-македонскиот блок главен збор, како премиер и вицепремиер имаат претставници на крупниот капитал... Без образложение е сменет министерот за финансии, професорот Драган Тевдовски, чиј соработник и екс-советник, професорот Бранимир Јовановиќ, таквиот потег го прокоментира дека не требало да се смени актуелниот министер, туку оние кои „местеле милионски тендери и трошеле државни пари, а ништо не работеле“... Одамна е заборавено и предизборното ветување за намалување на бројот на министерствата, а скандалите се редат како на лента, и не помагаат ни армиите советници, ПР-експерти и рекламни спин-агенции...

Можеби најилустративен пример за проблематичноста на кадровска политика на власта е именувањето на екс-министерот за екологија, Садула Дураки (ДУИ) за челник на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Според вицепремиерот за евроинтеграција Бујар Османи, „Дураки е искусен политичар, кој во Владата е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ, и ќе има за цел да ја изгради новата институција за политички систем и односи меѓу заедниците, која е наследник на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Имајќи предвид дека Дураки е учесник во донесувањето на Рамковниот договор, најдобро и го разбира духот и целта на истиот“. Ваквата оценка на ДУИ, за својот истакнат член, кој 17 години, само ги менува ресорите и функциите, ја прифатил и премиерот Заев и ја споделува одговорноста.

По бледиот впечаток по долго најавуваната реконструкција, која без намалување на бројот на министерствата и без повикување на одговорност и на кадрите на ДУИ, главно се сведе на шминка и на ротација на „вечните“ функционери, тешко е да се поверува дека премиерот ќе го поправи нерасположението во јавноста, со најавените промени во вториот и во третиот ешалон, и со жртвување на десетина директори или членови на управни одбори во јавните претпријатија...

Згора на сето тоа, почнаа и оставките на разочараните... „Во изминатите неполни 10 месеци, со големо задоволство и верба ја прифатив поканата да ја извршувам оваа функција. Влегов во систем кој со години не само што не се менувал, туку и многу назадувал и еродирал“, вели во својата оставка, заменик министерот за образование професорот Петар Атанасов.

„Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу, подобро“, дециден е заменик-министерот во оставка.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG