Линкови за пристапност

Џејмс Стајнберг: „практична комбинација, што е можно побргу“


Џејмс Стајнберг: „практична комбинација, што е можно побргу“
Џејмс Стајнберг: „практична комбинација, што е можно побргу“

Американската државна секретарка Хилари Клинтон со претстојните посети на Белград, Приштина и Сараево сака да го реафирмира интересот и посветеноста на Вашингтон за позитивна иднина за сите луѓе на Западниот Балкан, истакна нејзиниот заменик Џејмс Стајнберг во интервју за Евроазиската дивизија на Гласот на Америка.

Целта на Клинтон е јасно да стави до знаење „дека сме партнер кој ги гледа нашите интереси заедно со нивните и дека сме таму за да помогнеме и поддржиме, но и да ставиме до знаење дека тие самите треба да донесат извесни одлуки за да ја обезбедат иднината за нивните народи“, вели Стајнберг.

Тоа што Клинтон нема да престојува во Скопје, или пак Тирана, според американскиот заменик-државен секретар се должи на „ограниченост на времето“ како и „многуте обврски“ во други делови на светот, како блискоисточниот мировен процес, градењето на влада во Ирак и проблемите во Авганистан и Пакистан.

„Ќе има други можности за посета. Јас ги посетив тие места (Скопје и Тирана, н.з.). Мислам дека САД посветуваат многу внимание на сите земји во регионот. Откако станав заменик-секретар, седумпати бев на Западниот Балкан. Се надевам дека луѓето во тие земји знаат дека ние сме мошне, мошне фокусирани на нивните прашања“, рече Стајнберг.

САД ги поттикнуваат Македонија и Грција да најдат начин да го разрешат спорот со името бидејќи тоа било од голема корист за обете страни.

„Ја поддржуваме работата на амбасадорот Нимиц и процесот во ОН. Јасно им кажавме, и на Атина, и на Скопје, дека сакаме да ги охрабриме да го најдат патот напред, дека има големи користи за обете страни. Мошне ја цениме силната поддршка на премиерот Папандреу за интеграцијата на Западниот Балкан во европските и трансатлантски структури и се надеваме дека ќе може да најдат практична комбинација, што е можно побргу“, рече Стајнберг во интервјуто за Гласот на Америка.

XS
SM
MD
LG