Линкови за пристапност

Бренан ги брани техниките на испрашување


Џон Бренан: „ограничен број“ на припадници на ЦИА „ги пречекориле границите“, но програмата дала „корисни и важни информации“
Џон Бренан: „ограничен број“ на припадници на ЦИА „ги пречекориле границите“, но програмата дала „корисни и важни информации“

Првиот човек на ЦИА наведе дека програмата собрала „корисни и важни информации“

Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) Џон Бренан возврати на обвинувањата дека таа измачувала притвореници во тајни затвори, истакнувајќи дека нејзините методи на испрашување помогнале да се спречат терористички напади врз САД.

На синоќешната прес-конференција од седиштето на ЦИА во Вирџинија, Бренан призна дека биле употребени „грозни“ методи врз лица осомничени за тероризам по нападите на 11-ти септември 2001-ва. Но, тој во најголем дел ја бранеше програмата за испрашување, истакнувајќи дека ЦИА добила „корисни и важни информации“ откако биле употребени таканаречени „зајакнати техники на испрашување“ (ЕИТ).

„Причинскиот однос и ефектот меѓу ЕИТ и крајното обезбедување на информации е непознато и не може да се дознае. Но, крајно е неосновано да се тврди дека не се добиени разузнавачки податоци од притворениците врз коишто биле применети ЕИТ“, рече Бренан.

Претходно неделава, во сенатски извештај беа наведени детали дека припадници на ЦИА користеле брутални методи во испрашувањето на притвореници, како симулирање на давење, на погубување и ректална рехидрација. Бренан одби да каже дали овие методи може да бидат означени како тортура, иако призна дека „ограничен број“ на припадници на ЦИА „ги пречекориле границите“ на одобрените правила и малтретирале притвореници. Тој потенцираше дека ЦИА повеќе не користи вакви методи, но одби да ја исклучи можноста дека некоја идна влада на САД би користела слични техники доколку е соочена со итна закана.

Активистите за човекови прави повикаа на кривично гонење на официјални лица коишто биле вклучени во екстремните методи на испрашување, а случајот предизвика големи критики од странски лидери. Во средата, Одделот за правда соопшти дека САД ќе ги почитуваат преземените домашни и меѓународни обврски од потпишаните конвенции, но дека ќе се противат на странско гонење на американски официјални лица.

Претседателот Барак Обама изјави дека малтретирањето било голема грешка што не треба да се повтори. Уште кога стапи на функцијата во 2009-та, тој ја забрани употребата на ЕИТ.

XS
SM
MD
LG