Линкови за пристапност

Македонија го слави 23 Октомври - Денот на револуционерната борба


Делегација на Владата положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев. ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше власта оценувајќи дека се срами од овој празник

Македонија денеска го слави 23-ти Октомври - Денот на националната борба, денот кога во 1893-та година во Солун беше основана на Македонската револуционерна организација (МРО).

Делегација на Владата, која ја сочинуваа министрите Роберт Алаѓозовски и Зоран Шапуриќ положија венци со свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градски парк во Скопје, заедно со делегациите на Собранието, АРМ, Сојузот на борците, политичките партии и дипломатскиот кор во земјата.

„Празникот го одбележуваме достоинствено како што доликува, пред споменикот на симболот на таа македонска револуционерна борба Гоце Делчев“, изјави министерот Алаѓозовски.

Владата, во честитката до граѓаните потенцираше дека празникот обврзува заеднички да креираме услови за стабилност и за подобар живот во република Македонија.

Претседателот Ѓорге Иванов, кој исто така положи венец пред споменикот на Гоце Делчев, порача дека празникот на македонската револуционерна борба е симбол на долговековниот непокор и борба на македонскиот народ за слобода, државност и независност.

„Корените на македонската револуционерна борба започнуваат со формирањето на Македонската револуционерна организација, на 23-ти октомври 1893 година, кога шестемина македонски дејци ги обедини една визија за исполнување на вековниот сон – слободна Македонија. Без 23-ти октомври, 1893-та не ќе беа можни ниту трите светли Илиндени од 1903-та, 1944-та и 1991-та. Наша должност е да им оддадеме почит на нашите борци за слобода и независност, следејќи го нивниот пат“, порача претседателот Иванов.

На 23-ти октомври 1893-та година, во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, се одржа состанок на кој присуствуваа Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев. На оваа средба беше формирана Македонската револуционерна организација (МРО) и создадена основата за револуционерното движење во Македонија и ослободување од турското ропство.

СДСМ минатата година, кога се` уште беше во опозиција, најави дека ќе го укине празникот сметајќи дека тоа е партиска прослава наметната на сите граѓани во Македонија. Ова прашање сега за сега вешто се избегнува. Денеска единствено Либералната партија се огласи на оваа тема барајќи 23-ти октомври за последен пат да има статус на државен празник.

„Денес, доживувајќи ја атмосферата која владее во земјата, предлагаме 23-ти октомври за последен пат да има статус на државен празник. За тоа има многу причини, од кои секоја поединечно може да биде доволна за оваа одлука. Но, најважна е причината што го тераме народот да празнува празник на политичка партија која нагло ги губи своите приврзаници, а многу од нив остануваат дури и посрамотени од неа“, стои во соопштението од партијата.

Годинава нема да биде доделена државната награда „23 Октомври“. Вака одлучи Владата на предлог на Министерството за култура, бидејќи на комисијата за доделување на оваа награда мандатот и завршил во февруари годинава.

ВМРО-ДПМНЕ денеска, наместо традиционалната прослава во Скопје, одржа трибина во Штип. Од партијата жестоко реагираа на укинувањето на државната награда по повод овој празник сметајќи дека актуелната власт се срами и се плаши од „Денот на револуционерната борба“ и создавањето на македонската револуционерна организација.

„Во годината во која новата власт, без никаква јавна дебата, без консултација со стручната и пошироката јавност, без да го праша народот за тоа, во негово име потпиша договор со една соседна држава разбирливо е зошто бегаат од прославата на овој празник. Менувањето на нашата историја, откажувањето од нашиот јазик, име и идентитет, стана алатка за некој да дојде и да се задржи на власт“, рече лидерот на партијата Никола Гриуевски во Штип.

23 Октомври беше прогласен за државен празник пред десет години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG