Линкови за пристапност

„Самит 100“: Поврзаност и соработка се услови за членство во ЕУ


Премиерите на државите од Западен Балкан дојдоа во Скопје на „Самитот 100“ за да ја зацврстат регионалната соработка. Преку подобра инфрактстуктура и поврзаност целиот регион многу полесно ќе ја постигне целта, членство во ЕУ

Состојбата со транспортното поврзување помеѓу државите од Западен Балкан е многу лоша, и е пречка за економскиот развој на земјите од регионот. Со подобрата соработка ќе се постигне конкурентност во Европа и во светот. Фондовите на ЕУ се тука и треба да се искористат но потребна е измена во легислативата. Целиот регион може да стане траса на „зелена мобилност“ каде електричните автомобили ќе може без проблеми да се користат и опслужуваат.

Ова се дел од пораките на „Самитот 100“ на бизнис-лидерите од Југоисточна Европа, кој се одржува шеста година по ред, но за прв пат во Скопје.

Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор на Самитот 100, рече дека во изминативе години работеле на поттикнување на локалните власти за да се постигне поголема мобилност на луѓето и на стоката, но дека проблемите во овој домен сè уште се многу големи.

„За да се стигне од Скопје до Сараево, потребни ви се околу 12 часа по копнен пат или со авион. Последниот пат кога патував со авион од Сараево за Скопје транзитирав преку Истанбул и Виена, а слушнав дека искуствата се слични и на присутните тука. Сон на Самитот 100, кој се надеваме дека во догледно време ќе прерасне во реалност, е побрз проток на добра и на луѓе во регионот “, рече Мукаетов.

Во тек на Самитот беше е најавен старт на реализација на регионалниот проектот „ЕДИСОН“ за електрификација на автопатиштата во регионот. Исток Селјак, координатор на платформата „ЕДИСОН“ и потпретседател на Управниот одбор на Самитот 100, рече дека овој проект има цел да го претвори регионот во лабораторија на идната зелена мобилност.

„Сите шест држави од Западен Балкан се аспиранти за полноправно членство во ЕУ. Затоа треба да градиме заедничка стратегија и меѓусебно се поддржуваме и си помагаме, да градиме заеднички настап, со што ќе си помогнеме за побрз влез во ЕУ, но и продлабочување на соработката меѓу двете земји и на целиот регион“, рече премиерот Заев по средбата со престедавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.

Тој додаде дека „Самит 100“ е одлична можност за премиерите да дадат конкретна поддршка на бизнис-заедницата.

Во своето обраќање Заев потенцираше дека политичарите треба да ја донесат Европа во регионот затоа што ако приватниот сектор и бизнис-заедницата одат напред, тогаш и државите ќе постигнат добри економски резултати.

„Работиме на унапредување на регионалната соработка бидејќи Западна Европа ќе нè почитува повеќе ако соработуваме и ако сме сплотени. Потребно е да испратиме порака на единство на регионот“, изјави македонскиот премиер.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека земјите во регионот треба да соработуваат, а не да си попречуваат и нагласи дека е добро што оваа средба на премиерите не е под ничие посредништво, туку се случила нормално и природно.

„Овој регион има голем потенцијал, кој не е доволно искористен поради пречките и минатото. Само Балканот може да си го дозволи луксузот на чекање на границите, кое, според некои податоци, изнесува 3.800 години“, рече Рама.

Црногорскиот премиер Душко Марковиќ, пак смета дека државите од Западен Балкан живеат едни до други, но не можат да стигнат едни кај други.

За претседателот на советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, приоритет се намалувањето на царинските пречки за побрз проток на стоки и на луѓе.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG