Линкови за пристапност

Локалните избори ги урнаа традиционалните бастиони на ВМРО-ДПМНЕ


Пред четири години оваа партија имаше 56 градоначалници, а СДСМ 4. По вчерашните избори може да се надева на најмногу 10, од кои само два ќе бидат поголеми градови

Резултатите од гласањето на првиот круг од локалните избори ги изненади и најголемите оптимисти од владеачката СДСМ. Ниту една анкета, без разлика на нарачателот, не беше ни блиску до исходот кој денеска го соопшти ДИК.

СДСМ победи во 37 општини уште во првиот круг, а ВМРО само во 3. СДСМ победи во четири скопски општини и Град Скопје, а во вториот круг ќе се судри со ВМРО-ДПМНЕ уште во четири. Сите нивни кандидати имаат предност во гласови по првиот круг но ги немаат половината од излезените гласачи кои законот ги бара за да бидат прогласени за победници. СДСМ успеа по втор пат во само неколку месеци да го порази и ДУИ во Арачиново и тоа со жена-кандидат која ги освои симпатиите на граѓаните од таа конзервативна општина.

Во вториот круг СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги одмерат силите во уште 16 општини низ државата. Во девет од нив веќе имаат предност по вчерашното гласање. Се` на се`, владеачката партија излезе како апсолутен победник на шестите по ред локални избори и на крајот може да стигне и до бројката од 48 градоначалничи места. ВМРО-ДПМНЕ пак може да освои најмногу 10 градоначалнички места по гласањето во вториот круг.

На локалните избори во 2009-та година, оваа партија освои 55 градоначалнички места, а СДСМ само 7. Тогаш Скопје беше прогласено за „вмровски град“ бидејќи буквално сите општини со доминантен македонски електорат ги водеа кандидати од оваа партија. Во 2013-та го подобрија резултатот, добија уште едно градоначалничко место, а СДСМ загуби уште три општини. Резултатот беше 56 спрема 4, во корист на оваа партија.

ВМРО-ДПМНЕ вчера освои 335.000 гласови, што е за речиси за 120.000 помалку од предвремените парламентарни избори кои се одржаа пред десетина месеци. Ги загуби општините во кои традиционално и со години победуваше. Бастионите како Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Аеродром, Скопје, Битола, Велес, Прилеп -паднаа.

Коце Трајановски ги „мелеше“ своите противници на изборите во 2009-та и 2013-та година. Неговите противници губеа со по 40 и 50 илјади гласови разлика. На изборите во 2013-та Трајановски освои 124.000 гласа наспорти Јани Макрадули кој доби скромни 76.000. Вчера, Трајановски доби 99.000 гласа или 25.000 помалку, а Шилегов 138.000 односно 62.000 повеќе. За само четири години скопјани гласаа дијаметрално спротивно.

Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, каде во три изборни циклуси убедливо победуваа кандидатите на ВМРО беа изгубени уште во првиот круг. Три мандати по ред кандидатите освоија и во Битола и Прилеп. Вчера ситуацијата се промени.

Во Битола каде во 2009-та година разликата беше 12.000 гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ, победи СДСМ со неверојатни 14.000 разлика. Велес, каде 8 години имаше градоначалник од оваа партија исто така падна уште во првиот круг.

Како и зошто ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски го доживеа најтешкиот пораз во изминатите 11 години допрва ќе се анализира и утврдува, како во партијата така и кај експертската јавност.

Дали тоа се должи на незадоволството во партијата, новиот Извршен комитет кој беше критикуван од членовите, „цврстата рака“ на лидерот, реформаторите, истрагите и обвиненијата за криминал и корупција, настаните од 27-ми април останува да видиме. Груевски рече, „ како лидер на партијата имам најголема одговорност за лошиот резултат“, но не најави повлекување.

Од вчера на полноќ е јасно дека од најавената „нова ера“ не остана ништо.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG