Линкови за пристапност

Гласањето заврши, изборниот процес без поголеми нерегуларности


Процентот на граѓани кои излегле и го оствариле своето право на глас е понизок од парламентарните избори одржани минатата година

Шестите локални избори завршија. Гласачките места се затворени во 19 часот, а изборниот процес мина мирно без посериозни инциденти или нарушувања. Првите неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) се очекува да бидат објавени околу полноќ.

Според досегашните информации, до 17 часот, одзивот на гласачите беше 49,14 отсто. Најголем одзив имаше во Вевчани, каде гласале 73 отсто од граѓаните запишани во изборачкиот список, а најмал во Шуто Оризари каде своето право на глас го оствариле 33,83 отсто.

Од МВР соопштија дека до 14 часот добиле 26 пријави за изборни нерегуларности (поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање на гласачко ливче, како и гласање за друг), а евидентирани биле 10 прекини на гласање на одделни избирачки места каде што после консултации и краток застој од по 15 до 20 минути гласањето било продолжено. Осум пријави веќе биле расчистени.

Набљудувачите на изборите информаираа за десетици регистрирани нерегуларности, но сепак станува збор за изолирани инциденти кои не можат да влијаат на конечниот резултат.

СДСМ оцени дека имало мирен, достоинствен и демократски избирачки ден, а гласањето минало слободно и без притисоци.

„Очекуваме сите учесници на изборите, без разлика на резултатот, со своето однесување да придонесат да се задржи фер и демократската атмосфера“, рече Александар Кирацовски.

Сличен став имаат и ДУИ, кои најавија убедлива победа во сите општини каде нивните градоначалници се кандидати.

„Денешните локални избори поминаа во мирна, фер, коректна и демократска атмосфера. Граѓаните докажаа дека се за НАТО и ЕУ, како и за силни и развиени општини. Сите учесници во денешниот изборен процес го дадоа својот придонес тој да биде изведен според европските стандарди“, изјави Арбр Адеми.

Од БЕСА пак обвинија дека имало нерегуларности и обиди за поткуп на гласачите.

„Имаме и точни информации за разни криминални обиди од група и банда на една партија, што е позната по овој начин на постапување, но овојпат се судрија со отпорноста на народот кој позитивно им одговари со излегување на гласање“, изјави портпаролот Фатон Фазлиу.

На денешните локални избори граѓаните избираа градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Се гласаше на 3.480 избирачки места, а право на глас имаа 1.814.644 избирачи, кои може да се изјаснат за 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати на 372 листи за членови на совети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG