Линкови за пристапност

Амнестија како решение за катастрофалните услови во затворите


Лошата состојба на затворските институции во Македонија и пренатрупаноста со осуденици е нотирана во речиси секој меѓународен извештај

„Се срамам што сум премиер на земја во која има затвори со нехумани и супстандардни услови под секое човечко достоинство. Преку владината камера која влезе и сними внатре сѐ, ќе се обидеме преку вас медиумите, да ја поттикнеме дебатата во општеството овие услови под итно да се подобрат“, рече премиерот Зоран Заев по посетата на најголемиот затвор во државата – „Идризово“.

Во моментов во овој затвор, кој според официјалните информации од надлежната Управа за извршување на санкции има капацитет од 800 затвореници, казната ја издржуваат 1.850 осуденици.

Условите во затворот се катастрофални. Пренатрупани ќелии, нехигиена, нефункционални тоалети, мувла, истрошени кревети и ѕидови, но и недостаток на медицински персонал и лекови, незадоволство и неопременост на чуварската служба.

За премиерот едно од решенијата за подобрување на условите, или барем справување со пренатрупаноста, е носење на закон за амнестија, со кој би се скратиле или укинале дел од казните. Тој повика на дебата во која ќе учествуваат надлежните државни институции, експертската јавност и невладиниот сектор за да може да се најде што е можно подобро решение. Негов личен став е дека треба да има закон за општа амнестија, со кој би се намалила една третина од досудената казна.

„Ако некој е осуден на 10 години казна затвор, тоа значи дека три години ќе му бидат избришани од казната. Јас лично мислам дека треба да биде избришано од целокупната казна, така е поправично“, изјави Заев.

На иста линија со премиерот е и министерот за правда Биљен Саљији. Тој смета дека амнестијата е дел од решението, но не и конечно решение.

„Факт е дека имаме пренатрупаност во затворите. Денеска видовме како изгледа затворот Идризово. Засега конкретно решение нема, но има идеи, има предлози има дискусии. Стручната јавност треба да предложи рамки на законот а телата во министерството да ги допрецизираат“, вели Саљији за Гласот на Америка.

Тој додава дека амнестијата како парцијално решение се применува во неколку соседни држави.

Народниот правобранител Иџет Мемети, потенцира дека веќе 12 години Омбудсманот реагира на лошите услови во затворите, но ова е прв пат Владата да покаже подготвеност да се справи со овој проблем.

„Под решение јас не подразбирам само решавање на просторните услови кои се градат неколку години. Проблемот со затворски ситем не се само условите, туку и начинот на менаџирање кој е многу лош и конфузен“, истакна Мемети.

За директорот на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска, општата амнестија е само делумно решение. Клучна е борбата против корупцијата во затворите.

„Законот за амнестија нема да го реши проблемот со затворите. Ќе ја реши пренатрупаноста, но не и проблемот со корупцијата. Еднаш засекогаш мора да се реши проблемот со корупцијата, особено во Идризово. Зад оваа врата имате затвореничко општество каде владеат затворски закони“, рече Пировска.

Во јавноста се` уште нема сериозна дебата околу ова прашање. Најголем проблем, според експертите, доколку се почне со составување на закон за амнестија е прецизирањето на делата за кои дела амнестијата ќе се применува и во кој сооднос со казната. Уште од самиот старт е јасно дека најголемиот проблем ќе биде евентуалната амнестија на педофили и убијци.

Мери Николова, граѓански активист, веќе две години отворено ја поддржува амнестијата како начин преку кој би се подобриле условите во затворите во Македонија. Таа пред два месеци достави предлог закон во Собранието, во кој има градација на степенот на амнестија во зависност од делото и висината на казната. Николова е задоволна што премиерот лично се уверил за овој проблем и потврдил дека амнестијата е прв чекор кон негово решавање.

„За да се реши овој проблем, потребно е да се подобрат условите во затворите, да се качат платите на вработените во овие институции и да се спречи корупцијата. Тоа е примарно. Намалувањето на казните, според предлогот кој го доставив до Собранието, е од 30 до 50 отсто од казната за оние кои се осудени до една година затвор“, вели Николова.

Лошите услови во затворите и претантрупаноста се нотираат во меѓународните извештаи. Комитетот за заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување на Советот на Европа (КСТ), во својот минатогодишен извештај за состојбата со затворите во Македонија, потенцираше дека е длабоко загрижен за условите во кои затворениците ја издржуваат својата казна.

Советот на Европа исто така укажува дека македонските затвори се пренатрупани и по овој критериум Македонија е на трето место во Европа. Според извештајот во 2014-та година, државата е трета на списокот за пренатрупаност на затворската популација. Пред нас се само Унгарија и Белгија.

Затворот „Идризово“ почна да се реновира во 2014-та, откако државата доби кредит од 46 милиони евра од Европската инвестициска банка. Досега се потрошени 16 милиони, а реновирана е само административната зграда. Условите во кои осудениците ги издржуваат казните се влошува од ден во ден.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG