Линкови за пристапност

Кризата е минато, одиме кон НАТО и ЕУ


Премиерот Заев во своето обраќање на прославата по повод Денот на независноста потенцираше дека Македонија сега ја има поддршката на меѓународната јавност, момент кој не смее да се пропушти, и затоа мора да се покаже зрелост за да се остварат евроатлантските аспирации на државата

„Да продолжиме заедно да ја градиме Република Македонија во едно општество за сите, низ меѓусебна почит и разбирање, затоа што само заедничката среќа, е среќа“, порача премиерот Зоран Заев на централната прослава на Денот на независноста на Македонија.

Меѓународните односи, позицијата на Македонија и мoжностите кои се на дофат, предизвикаа најмногу внимание во говорот на премиерот.

Според Заев, Македонија од „генератор на кризи“ во регионот, прераснала во „мотор на развојот“ што било забележано од меѓународната заедница која сега и` дава отворена поддршка на државата во спроведувањето на реформите и членството во Унијата и Северноатлантскиот сојуз. Тој нагласи дека е дојден моментот кој не смее да се пропушти, но и дека токму сега мора да се покаже зрелост и одговорност.

„Очите на целата меѓународна јавност ги свртевме кон нас. Постојат реални можности Македонија да добие чиста препорака, а потоа и датум за преговори со Европската унија. Реални се надежите и дека Република Македонија може да биде триесета членка на НАТО“, рече премиерот.

Претстојните локални избори се клучен тест за иднината на државата и затоа мора да бидат фер, демократски и регуларни за што ќе се погрижи новата Влада составена од како што рече тој, одговорни политичари.

Во својот говор тој се осврна на референдумот во 1991-та година, на кој граѓаните, со огромно мнозинство, одлучија Македонија да стане независна држава. За него, успешноста на гласањето се должи на фактот што идејата за независност ја делеле сите граѓани беа разлика на националноста или религијата.

Денот на независноста беше одбележан и во Собранието. Спикерот Талат Џафери во своето обраќање изјави дека пред 26 години беа поставени стратешките цели на државата, како на внатрешен, така и на надворешен план.

„Македонија беше дефинирана како граѓанска држава која се темели врз индивидуалните и колективните човекови права и слободи, врз принципите на парламентарната демократија и владеењето на правото, почитувањето на приватната сопственост и пазарните законитости. Општеството беше дефинирано како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално“, рече Џафери.

По повод стоте дена од конституирање на Собранието тој потенцираше дека сегашното парламентарно мнозинство, има храброст, волја, знаење и капацитет да направи значајни чекори напред во остварувањето на тие стратешки цели.

Одбележувањето на 26-годишнината од независноста беше под слоганот „Македонија слободна слободно живее“ и се одржа во близина на Споменикот на паднатите борци во кругот на Владата. Во рамките на прославата, зградата на Владата беше отворена за граѓаните. Тие можеа да се прошетаат низ внатрешноста и да видат каде работат министрите. Во ходниците на Владата беа поставени слики од референдумот и прогласувањето на независноста, како и насловните страни на тогашните печатени медиуми.

Во рамките на Денот на незавиноста, утре, премиерот и делегација на Владата ќе положат цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски и пред споменикот „Ослободители на Скопје“, а во Собранието ќе биде доделена наградата „8-ми Септември“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG