Линкови за пристапност

Зврлевски пред разрешување


Советот на обвинители го прифати предлогот на Владата државниот Јавен обвинител Марко Зврлевски да биде разрешен поради незаконско и ненавремено извршување на функцијата

Претседателот на Советот Петар Аневски, соопшти дека предлогот на Владата бил прифатен со мнозинство и додаде дека уште во текот на денот ќе го достават своето мислење до Владата. Според неофицијалните информации само еден член на Советот се изјаснил негативно по владиниот предлог.

Аневски пак, минатата недела изјави дека негов личен став е оти Зврлевски бил перфектен обвинител и дека нема никакви забелешки на неговата работа.

Според законските процедури Владата треба да го достави предлогот за разрешување до Собранието каде потоа пратениците ќе гласаат. Потребен е 61 глас.

Зврлевски, кој е член на Советот на обвинители, не смееше да присуствува на денешната седница и можеше да даде само писмен одговор на евентуални прашања но затоа има право да биде во собраниската сала кога ќе се одлучува за неговото разрешување.

Според информациите на Гласот на Америка, Владата уште во текот на утрешниот ден ќе го достави предлогот до Собранието, за кога е и закажана седница и веројатно е дека за разрешувањето ќе се гласа до крајот на неделата.

Јавниот обвинител не одговори на нашите прашања и не го соопшти неговиот став околу последните случувања.

„Го повикувам Јавниот обвинител Марко Зврлевски веднаш да си поднесе оставка“, изјави премиерот Зоран Заев еден час откако му беше доделен мандатот. „Реформите во правосудството ќе почнат токму со обвинителството“, нагласуваше премиерот во своите изјави.

Меѓутоа обвинителот Зврлевски не си поднесе оставка, не се појави во јавноста и ги избегнуваше новинарите.

Минатата недела Владата ја донесе одлуката за разрешување, бидејќи процениле дека Зврлевски незаконско и ненавремено ја извршувал функцијата.

СДСМ со години наназад го посочуваше Зврлевски како продолжена рака на нивните политички опоненти и човек кој ги штити криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Тие наведуваа примери за неговата селективност при отворање на постапките, а најмногу критики предизвика инертноста на обвинителството кое тој го раководи околу доказите за нелегалното прислушување кои им беа доставени. Обвинителството со месеци не најде ниту еден доказ за корупција и злоупотреби на функциите во истрагите кои ги отвори, а кои без поврзани со нелегалното прислушување.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ се стави во одбрана на Зврлевски обвинувајќи го СДСМ за притисок. Од партијата соопштија дека позадината на барањето за разрешување е спас од одговорност за предметите кои се водат против функционери од оваа партија.

Последен во низата скандали беше со грчката фирма „Актор“ која го гради автопатот Демир Капија - Смоквица. Грчките власти објавија дека отвориле истрага против „Актор“ за перење пари во висина од 50 милиони евра. СДСМ уште во 2014-та година достави докази дека претставници на грчката фирма испумпуваат средства и перат пари, но Обвинителството го држеше предметот „под мраз“ и на крај го затвори бидејќи не откриле ништо сомнително.

Марко Зврлевски беше именуван за Јавен обвинител во јануари 2013-та година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG