Линкови за пристапност

Македонија доби нова Влада


Со 62 гласа "за", 44 "против" и 5 "воздржани" во Собранието беше изгласана доверба на Владата која ќе ја предводи лидерот на СДСМ, Зоран Заев

„Убеден сум дека сите заедно ќе соработуваме за интересите на сите граѓани. Имам потреба за поддршка од опозицијата, заради реформи во полза на за сите граѓани“, рече Зоран Заев во својата прва изјава како премиер.

Дваесетина минути пред полноќ и истекот на законскиот рок за избор на нова Влада, тој застана на собраниската говорница, и им се обрати на пратениците и македонската јавност.

Во својот говор, уште на самиот почеток, го адресираше прашањето со името за кое најави дека единствено можат да одлучат граѓаните преку референдум. Тој кусо одговори на обвинувањата и критиките на пратениците од редовите на новата опозиција, а потоа почна да ги најавува реформите кои ќе бидат императив за неговата Влада.

“Следуваат судски реформи, на реформа на парламентот, на тајните служби, на медиумите, на институциите, се надевам дека ќе бидам доволно флексибилен и со разбирање за идната опозиција, затоа што Македонија има потреба од сплотеност, единство и заедничко делување, за да испорачаме добар квалитет по еден брз реформски процес “, рече Заев од собраниската говорница.

Новиот премиер најави дека ќе продолжи со реализација на проектите на претходната власт за кои сметаат дека се добри и корисни, и на крајот и` се обрати на опозицијата, на која и` порача дека ќе има разбирање за нивните ставови и сугестии за да се најдат добри решенија и воедно ја побара нивната поддршка.

Пред Заев, на собраниската говорница застана Никола Груевски кој во својот говор рече дека ВМРО-ДПМНЕ оди во опозиција заради нивното барање за фер решение на спорот со името кое предизвикало „операција на надворешни центри“.

„Главната причина за оваа надворешна операција беше нашата политика на барање фер-решение за името, и како резултат на тоа, сè уште не добиваме покана за членство во НАТО и преговори со ЕУ. Стратешка цел е фер решение, а не решение што ќе нè обезличи како народ, како држава“, рече Груевски.

Во обраќањето нагласи и дека во изминатите 11 години партијата направила многу реформи, решила многу проблеми и постигнала многу позитивни резултати, а Македонија немала власт со поголем напредок. Тој уште еднаш ги повика СДСМ на предвремени парламентарни избори.

Новата Влада на премиерот Зоран Заев ја сочинуваат Радмила Шекеринска која е избрана за министерка за одбрана, Оливер Спасовски кој ќе го води МВР, Роберт Алаѓозовски е министер за култура, Никола Димитров е министер за надворешни работи, Мила Царовска е министерка за труд и социјална политика, Драган Тевдовски е министер за финансии, Рената Тренеска Десковска е министерка за образование и наука, Горан Сугаревски е министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски е министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Дамјан Манчевски е министер за информатичко општество и администрација, Билен Саљији е министер за правда, Садула Дураку е министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши е министер за економија, Сухејл Фазлуи е министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, и Арбeн Таравари кој ќе го води Министерството за здравство.

За вицепремиери се избрани Кочо Анѓушев, кој ќе биде вицепремиер за економски прашања, Бујар Османи, вицепремиер за евроинтеграции, а Хазби Лика ќе биде вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците.

За министри без ресор се избрани Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG