Линкови за пристапност

СЈО бара да се замрзне дел од имотот на ВМРО-ДПМНЕ


Во две од трите нови истраги кои ги објави СЈО, поранешниот премиер и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е првосомничен

„ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која дејствувала, дејствува и ќе продолжи да дејствува врз основа на Закон и само врз основа на Закон, и тоа е потврдено од сите институции надлежни за проверка на финансиското работење на политичките партии. Сите обиди и политички памфлети чија цел е да се претстави некакво наводно незаконско работење на ВМРО-ДПМНЕ, на раководството и членовите, се неточни и ги отфрламе во целост. Сиот имот на партијата е законски стекнат“, изјави Емил Димитриев по пресот на Специјалното јавното обвинителство на кое беа отворени три нови предмети, „Талир“, „Траекторија“ и „ Тревник“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, е првоосомничен во две нови истраги на Специјалното јавно обвинителство. На денешната прес-конференција тој беше посочен како „мозок“ на операцијата за нелегално финансирање на партијата и употребата на тие средства за купување на имот во име на партијата и како лицето кое стои зад штетен договор за изградба на два автопати во Македонија поради кои државата изгубила 155 милиони евра.

Првата истрага со кодно име „Талир“ се однесува на нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2009-та до 2015-та година. Покрај Груевски, во истрагата се опфатени уште 13 лица, кои не беа именувани на прес-конференцијата. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари. Штетата во овој случај е проценета на 4,9 милиони евра.

Парите собрани преку донации кои спротивно на законот не биле вратени во Буџетот на државата биле користени за купување на недвижен имот, подмирување на тековни обврски на партијата, но и за хотелски и ресторански услуги.

СЈО вели дека во предистрагата било утврдено оти парите кои влегле во касата на ВМРО-ДПМНЕ биле претставени како донации и чланарини. Донациите оделе на жиро-сметката на партијата, а биле уплаќани преку домашни банки. Тимот на СЈО набавил 11.866 такви уплатници напишани со ист ракопис, од фиктивните донатори, уплаќани во исти банкарски експозитури низ државата во временски распон од само 30 секунди. Според СЈО, со овие пари потоа биле склучувани договори за купување на станови, деловни објекти и земјишта кои немаат ништо со партијата, ниту пак се користат од партијата.

Затоа оттаму најавија дека ќе бараат замрзнување на дел од имотот на ВМРО-ДПМНЕ, околу четириесетина објекти за кои постојат докази дека се купени со пари од фиктивни донации. Меѓу овие објекти е и седиштето на партијата во центарот на Скопје за кое фирмата која го гради, „Бетон“, сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов, донирала во партијата околу два милиони евра.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, нагласи дека предмет на истрагата не е ВМРО-ДПМНЕ, туку поединци кои ја злоупотребиле партијата и го уривале нејзиниот углед и репутација.

Во случајот „Траекторија“ станува збор за тендерот за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип кој го доби кинеска компанија каде, според СЈО, е причинета штета од 155 милиони евра. Во овој случај првоосомничен е Никола Груевски, а покрај него се и тогашниот потпретседател на Владата Владимир Пешевски, тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот директор на Агенцијата за државни патишта.

Во истрата е утврдено дека тие, по налог на Груевски, спротивно на законите во Македонија, тендерската документацијата ја доставиле само до две кинески компании. Преговорите потоа продолжиле само со една фирма од Кина која доставила понуда. На основ на таа понуда Владата на РМ донела посебен Закон за изградба на двата автопата и кренала кредит од 580 милиони евра од кинеската „Ексим банка“, со рок на отплата од 20 години. Во меѓувреме втората кинеска компанија дополнително доставува пониска понуда од фаворизирана фирма, но „по налог на Груевски, Пешевски и Јанакиески, ја сокриле оваа понуда и го склучиле договорот со компанијата чија понуда е повисока за дури 155 милиони евра“.

За овој договор со кинеската компанија тогашната опозиција објави т.н. „бомба“ во која тогашниот премиер Груевски наводно ја договара провизијата од кинезите со неговиот соработник Миле Јанакиески.

Сепак од СЈО велат дека освен индиции за земена провизија за да се склучи договорот засега немаат цврсти докази.

Последната истрага под името „Тревник“ се однесува на изградба на три викендици во скопското село Зелениково. Според информациите на Гласот на Америка, тројцата осомничени се во роднинска врска, а едниот од нив веќе е осомничен во друга истрага на СЈО. Тој купил плац во селото Зелениково и заедно со останатите во 2011-та ја почнал изградбата на куќите без никаква градежна дозвола. Дозволата од локалните власти ја добиле дури во 2013-та, кога куќите веќе биле готови.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG