Иако сенаторот Кери не победи во трката за Белата куќа, тој рече дека ќе продолжи да се бори за прашања, за кои се залагаше за време на кампањата. Тоа го подвлече на средбата со демократските конгресмени во Сенатот, само неколку дена по изборите.
„Мора да имаме единство и многу јасна агенда, ќе се борам за таа агенда со сета енергија што ја поседувам и со сета страст што ја вложив во кампањата.„
И покрај неуспешниот обид да стане претседател, господинот Кери порачува дека има енергија да игра воочлива улога во американската политика. Тој не ја исклучи можноста повторно да се кандидира на претседателските избори во 2008-ма.
Но, демократските стратези се прашуваат дали Кери поседува се што треба за победа во една претседателска трка. Тие му замеруваат дека не успеал да ги истакне традиционалните демократски прашања – меѓу кои особено работните места и здравственото осигурување.
Роберт Боросејџ е заменик-директор на кампањата „За иднината на Америка“:
„Кампањата не успеа да го потенцира неуспехот на Буш на полетото на домашната економија“, истакнува господинот Боросејџ.
Во меѓувреме, додека Кери ќе ја продолжи политичката кариера во Сенатот, политичкиот партнер Џон Едвардс се повлекува. Неговиот шестгодишен мандат во Сенатот завршува во јануари. Во говорот, при што го најави повлекувањето, тој јасно стави до знаење дека не се откажува од политиката.
„Сакам да им заблагодарам на илјадници луѓе кои работеа со нас, кои веруваа и беа со нас. Може да сте разочарани, но не можете да заминете. Борбата само што започна„.
Некои стручњаци од редовите на Демократите сметаат дека сенаторот Едвардс ќе побара партиска номинација за претседател во 2008 година. Доколку го стори тоа, ќе се соочи со критика за неуспехот да победи на овогодинешните избори во федералната држава од каде потекнува Северна Каролина. Таму Буш имаше 13 проценти повеќе доверба кај гласачите во споредна со Кери.
За претседателските избори во 2008-ма, се очекува Едвардс да биде влијателен глас за Демократите. Во неговата прва кампања тој покажа дека умее да биде добар говорник, кој може да ја покрене либералната база во неговата партија.