Линкови за пристапност

Реакции на француски аналитичари за Ирак и односите САД-ЕУ - 2004-06-28


Стабилизирањето на Ирак е во интерес и на САД и на Европа, која географски е поблизу до оваа земја на Блискиот Исток. Француските политички аналитичари Жак Рупник и Надеж Рагару сметаат дека тука треба да се бара причината за подобрување на трансатлантските односи.

На самитот на НАТО во Истанбул Американците и нивните европски партнери, една година по окупацијата на Ирак, разговараат на поинаков начин, смета Жак Рупник (Jazques Rupnik), директор на Центарот за меѓународни студии и истражувања.

“Во некоја рака, тоа е барем симболичен момент во кој може да се каже дека завршила кризата од минатата година, анимозитетите што таа ги донесе. Сменет е тонот, суштината е сменета, и, во основа, оние кои пред една година велеа - Мораме да ја казниме Франција - Кондолиса Рајс, која, ако се сеќавате кажа да и́ се прости на Русија, да се игнорира Германија и да се казни Франција. Сега сме далеку од тоа. Сега сме во ситуација во која се вели - се надеваме дека Франција и Германија ќе соработуваат во рамки на НАТО во повоторна изградба на услови за иднината на Ирак. Тонот е сменет, суштината е сменета – а зошто? Затоа што и да некој мисли за причините за војната и начинот на кој беше спроведена – а мислам дека се покажа дека голем број на аргументите на оние кои се внимателни беа докажани, а што е со аргументите во полза на војната? Сите ние сега треба да се соочиме со последиците од војната. И доколку работите тргнеа мошне лошо во Ирак, тоа немаше да биде само лошо за регионот, туку и за нас Европјаните, кои сме блиску до регионот. Америка е далеку. Америка, да замислиме, може да се повлече од Ирак, и да каже – сакавме да донесеме мир и демократија, тоа не успеа, и си заминуваме. Но, тогаш проблемот ќе биде оставен на нас самите. Значи, не е во интерес на Европјаните Америка одненадеж армиски да се повлече од Ирак, бидејќи треба да ги отстраниме консеквенциите од војната - ние не сакавме војна, но имаме консеквенции - но ќе мора да се соочиме со проблемот што сега да правиме со Ирак и со регионот, вклучувајќи го и израелско-палестинскиот конфликт, бидејќи тоа е од клучно значење за Европа во иднина. Како што реков, ние сме блиску до регионот, и Самитот во Истанбул – знаете, Турција е клучен мост меѓу Европа и Блискиот Исток, и исто така, бидејќи имаме големи исламски заедници кај нас. Значи, имаме голем влог во тоа обновата и некаков вид на мир и стабилност да се вратат во регионот. Што се однесува до демократијата, тоа претставува надеж, но тоа не е нешто што може да се наметне со бомби“, вели тој.

Слично размислува и Надеж Рагару (Nadege Ragaru) виш истражувач во Институтот за меѓународни и стратешки односи со седиште во Париз, задолжена за Централна и Југоисточна Европа. Таа вели дека и САД и Европјаните согледале дека е подобро да соработуваат.

“Едно е сигурно – дека постои се́ поголема свест за фактот дека ниту НАТО, ниту САД самите, ниту Европјаните не можат да ја решат ситуацијата во Ирак. и дека е од пресудно значење да постои заедничка дискусија. Постојат несогласувања, но луѓето од обете страни извлекоа поука. САД започнаа да увидуваат дека е мошне тешко да се создаде демократија во Ирак, Европјаните започнаа да увидуваат дека не помага да се биде поделен. Ова не значи дека нема да има препреки на патот кон дискусијата. Има гледишта што се мошне различни, ширум светот. Сегашната администрација на Буш има одредени сфаќања за Ирак, Авганистан, Јордан, за исламот што, се чини, не можат во голема мера да се споделат со некои од европските земји. Но, во исто време, има еволуција во ЕУ, бидејќи сега не́ има 25, и треба заедно да говориме. Полека, чекор по чекор, ќе се појави новиот европски ентитет, што ќе биде покохерентен, но што исто така ќе создаде простор за дискусија за САД“, смета тој.

XS
SM
MD
LG