Линкови за пристапност

Стариот состав на Конгресот неделава привршува со работа - 2002-11-11


Републиканците се надеваат дека победата на неодамнешните избори, со која добија контролата врз обата дома на американскиот Конгрес, ќе им овозможи полесно да ги усвојат законските акти што се важни за Белата куќа. Од друга страна, лидерот на демократите во Сенатот најавува конструктивна опозиција на иницијативите на претседателот.

Стариот состав на американскиот Конгрес оваа недела ќе започне со последните седници на кои ќе ја приврши својата работа. Новоизбраните членови на Конгресот ќе стапат на функција веднаш по давањето заклетва, во јануари идната година. Така, демократите уште малку време ќе претседаваат со Сенатот, се додека не ја предадат контролата на Републиканската партија, која освои повеќе места на неодамнешните избори.

Републиканскиот сенатор Трент Лот е подготвен да ја преземе улогата на водач на мнозинската партија. Во емисијата „Средба со печатот„ на ТВ-мрежата Ен-Би-Си, сенаторот Лот кажа дека се надева оти Демократите ќе ја остават настрана партиската политика во овој преоден период.

„Треба да се формира Одделот за домашна безбедност. Претседателот нема да прифати ништо помалку од тоа да биде завршено“, кажа сенаторот Лот.

Актуелниот лидер на мнозинството, демократскиот сенатор Том Дешл, кој беше гостин во истата емисија, најави дека демократите ќе бидат фактор на проверка и баланс на законите што ги предлага Белата куќа.

„Ќе го поддржиме претседателот кога е во право. Ќе се спротивставиме кога греши. Ќе правиме проценка и ќе одлучуваме од случај во случај“, изјави господинот Дешл.

Сенаторот Дешл признава дека претседателот Буш е популарен кај американскиот народ, и дека тоа им помогнало на републиканските кандидати да го освојат мнозинството гласови на изборите за Конгресот.

XS
SM
MD
LG