Линкови за пристапност

Осумнаесет години самостојна Република Македонија


Република Македонија во вторникот одбележа 18 години од референдумот на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Денот на независноста беше одбележан во Собранието каде домаќин на бројните актуелни и поранешни политичари и претставници на дипломатскиот кор беше претседателот на пратеничкиот дом Трајко Вељановски. Главната порака од свеченоста беше дека Македонија по 18 години независнот стекнала полнолетност и дека како таква го има своето место во евроатлантските институции, што беше и нејзина стратешка цел зацртана при прогласувањето на независноста.

„Сакам да верувам дека и нашиот јужен сосед, тргнувајќи од својата демократска традиција, ќе ги почитува европските стандарди и критериуми, (дека) нема да се повтори Букурешт, бидејќи нашето приближување и членството во ЕУ е во интерес како на Македонија, така и на целиот регион", изјави Вељановски.

Слични пораки упатија и присутните на свеченоста од составот на првата влада на независна Република Македонија.

„Не треба да ја испуштиме перспективата на Македонија во евроатлантските интеграции, а немаат право да ни го спречуваат тоа. Тоа цел свет го знае", кажа Блаже Ристески, академик и поранешен потпретседател во првата влада.

Порака за успешна евроатлантска интеграција на Македонија имаше и амбасадорот на САД Филип Рикер.

„Ние сакаме да ја видиме Македонија како член на НАТО и член на ЕУ. Ова е американската политика", рече Филип Рикер.

На референдумот што се одржа пред 18 години убедливо мнозинство од над 95 отсто граѓани кои излегоа на него позитивно одговорија на прашањето - дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија. Република Бугарија, Турција, Словенија, Хрватска, Русија и Босна и Херцеговина беа првите земји кои ја признаа независна Македонија. На 8 април 1993-та, Македонија беше примена за полноправна членка на Обединетите нации, а досега воспостави односи со 160 држави.
XS
SM
MD
LG