Линкови за пристапност

Славески во Вашингтон: предвремно отплаќање на долгот кон СБ


На средбата со претставниците на Светската Банка Орсалија Каланзопулос и Шиего Катсу министерот Славески вели дека разговарале за реализација на проекти што претстојат откако Банката на 27 март ја усвои четиригодишната стратегија за партнерство со Република Македонија. Станало збор и за предвременото отплаќање на долгот

„Ние на тој начин сакаме да заштедиме извесни средства заради отплата на кредити под неповолни услови, каматни средства што се одвојуваат од буџетот, но во исто време како што гледаме Република Македонија зема нови заеми од Светската банка. Оваа е токму поради фактот што средствата што ги дава Светската банка не се само пари туку доаѓаат заедно со техничка помош а понекогаш и грантови“.

На средбата со шефот на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија, Марк Грифитс, според Министерство за финансии, биле затворени сите прашања од вториот преглед на Stand by аранжманот. Министерот Славески појаснува:

„Станува збор за инкорпорирање на приоритетите на владата, односно нејзините политики во онаа што веќе беше усвоен аранжман со Меѓународниот монетарен фонд - Stand by аранжман, претпазлив, од страна на претходната влада, аранжманот треба да заврши идната година. Има приличен број на услови, реформи кои успешно се спроведуваат и сите придонесуваат кон зацврстување на институциите во Република Македонија, подобра наплата на даноците и придонесите. Се е во насока на остварување на владината програма“.

Прашањето за потпишување на договор за избегнување на двојно оданочување било тема на одвоената средба со високиот претставник на Американската државна благајна Ненси Ли. Македонскиот министер за финансии говори за бенефиците од еден таков договор:

„Сакавме да ја завршиме постапката околу потпишувањето на договорот за одбегнување на двојно оданочување, затоа што како што е познато се наоѓаме во процес на агресивна кампања за привлекување на странски инвеститори секако со создавање услови за нивен влез во Република Македонија и сакаме да им олесниме на Американските инвеститори од даночен аспект да се чувствуваат поблагопријатно во Република Македонија. Имено постојат некои непогодности кои ги чувствуваат инвеститорите со земји кои немаат потпишано договор за двојно оданочување со Република Македонија. Се надевам дека Американската страна ке има разбирање и ќе се забрза овој процес за наскоро да дојдеме до усогласен договор за одбегнување на двојно оданочување“.

XS
SM
MD
LG