Линкови за пристапност

Според најновите анкети – Се поголема непопуларност на САД во Европа 


Според податоците од истражувањата на Центарот Пју, европското мислење за Америка е опаднато. Кои се причините за тоа, беше тема на расправата на група стручњаци во Вашингтон.

Ендру Кохат, директор на Центарот, вели дека Европејците сметаат дека американската употреба на сила е себичен потег што покажува непочитување за другите држави.

- Прво нешто што поттикнува анти-американизам е да се видат САД како настапуваат унилатерално.

Џон Глен е од германскиот Маршалов фонд:

- Употребата на сила е прашањето кое носи најмногу поделби меѓу Американците и Европејците.

Глен забележува дека фундаменталната разлика меѓу американското и европското гледиште е отсликана во одговорот на прашањето: Дали војна е понекогаш потребна за да се постигне правда? 78 проценти од Американците одговориле позитивно, а во Европа 64 проценти одговориле негативно.

Кохат вели дека американската употреба на сила многумина Европејци може да ја гледаат како унилатерализам.

- Европејците на војната против тероризмот гледаат како на американска желба за контролирање на светот.

Анти-американизмот во Европа се чини дека доаѓа во фази. Во 1980-те, Европејците не беа благонаклонети кон претседателот Роналд Реган. Во 60-те и 70-те имаше големи протести против Виетнамската војна и претседателите Линдон Џонсон и Ричард Никсон.

Но Ендру Кохат од Центарот Пју, вели дека сегашното анти-американско расположение ги надминува политичките прашања. Тоа е резултат на се поголемите разлики во фундаменталните вредности.

- Имаме голем јаз кога станува збор за вредностите. Американците се поголеми индивидуалисти, имаат поголем отпор кон ограничување на индивидуалните слободи отколку Европејците. Ние многу помалку поддржуваме заштитни општествени механизми споредено со Европа.“

Кохат вели дека сегашниот наплив на негативни чувства спрема Америка вклучува и демографско поместување. Новите европски генерации немаат позитивно мислење за САД како ослободителна сила.

- Цели генерации на млади во светот, а особено во Европа, сега се формираат околу приказите од Гвантанамо и Абу Граиб и тоа не се поправа лесно.

Иако на Америка светот гледа како на држава која се однесува унилатерално, Американците се чини дека не сакаат да бидат полицаец на светот. Џон Глен, од германскиот Маршалов фонд, посочува на истражувања кои покажуваат дека Американците би поздравиле потег на Европејците за преземање поголемо меѓународно ангажирање.

Аналитичарите велат дека перцепцијата на Америка во Европа историски се преместува од состојба на преголема агресивност, до состојба на преголема повлеченост.

Но и покрај овие осцилации трансатлантските односи, гледано историски, се мошне успешни.

XS
SM
MD
LG