Линкови за пристапност

Собранието остана без потпретседател а Владата без коалициски партнер - констатирана оставката на Весел Мемеди


Покрај напуштањето на Парламентот неговата партија, Национална демократска преродба (НДП), ја напушти Владата. Мемеди ги обвини премиерот Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за заткулисни игри, тајни преговори но и корупција и притисоци

СКОПЈЕ - Собранието остана без еден потпретседател а Владата без еден коалициски партнер откако денеска во Парламентот беше констатирана оставката на лидерот на Национална демократска преродба (НДП) , Весел Мемеди.

Мемеди го најави своето заминување од Владата и Собранието по смената на министерот за локална самоуправа од редовите на неговата партија , Сухејл Фазлиу, кој беше опфатен со последната реконструкција на кабинетот на премиерот Заев и на чие место ќе дојде Горан Милевски од Либерално демократската партија (ЛДП).

Во своето обраќање Мемеди кажа дека одлуката ја донел не само поради смената на министерот тукуи поради други подлабоки причини. Тој ги обвини сега веќе поранешните коалициски партнери, лидерот на ДУИ Али Ахмети и премиерот Зоран Заев за заткулисни игри и комбинаторики.

„Договорот за трансформација на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор во посебно министерство бил постигнат многу порано помеѓу Ахмети и Заев. Бидејќи не е можно Албанците да водат шест министерства, и размената на министерствата едно за едно, Ахмети се обидел да го прикрие пред Албанците, дека тој не жртвувал ниту едно министерство, во компензација за новото министерство, додека Заев ќе ја продаде приказната кај Македонците, дека не попуштил пред Ахмети за едно министерство плус, туку успеал да им го зеде Министерството за локална самоуправа“, рече Мемеди.

Од Владата беа воздржани и без коментар или одговор на тврдењата на Мемеди и напуштањето на коалицијата.

„Ние не ги коментираме изјавите на лидерите на полтичките партии кои учествуваат во широката коалиција. Станува збор за меѓупартиски односи“, изјави владиниот портпарол Мухамед Хоџа.

Мемеди упати сериозни критики и обвинувања до двете најголеми партии во владината коалциција а парв на удар се најде Ахмети.

„Како потврда на кажаното досега, јавноста, а особено чесните луѓе, се уверија преку последните случувања во земјата. Господине Ахмети, припадниците на Исламот во целина, а посебно тие кои ви верувале и чекале 13 години да ги средите работите во Исламската верска заедница (ИВЗ), останаа шокирани од вашите приватни разговори со вашите најблиски соработници, за понижувачкиот однос што го имате врз ИВЗ, и дека воопшто не ве интересирало средувањето на работите во оваа институција, туку слатко се смеете што сте успеале да го претворите во седиште каде се пие најскапиот алкохол“, кажа Мемеди.

Од ДУИ без коментар околу тврдењата на Мемеди. Партискиот портпарол и вицепремиер, Бујар Османи, не одговори на телефонските повици и прашњата кои му беа испратени.

СДСМ пак ги обвини за притисоци и закани врз министерот од неговата партија вршени од државни институции функционери. Од собраниската говорница му порача на премиерот Заев дека користи „удбашки методи“ за некои Албанци да ја прифатат политичката платформа на СДСМ како нивна и јавно да се зачленат во партијата со цел да се ослаби албанскиот фактор во власта, нешто што го правело и ВМРО-ДПМНЕ.

„Методот и сценариото, кои ги употребивте кон албанските коалициски партнери, и конкретно кон нашите кадри и функционери, кои можат да ви го потврдат со факти и аргументи, посебно кон министерот Фазлиу, со ангажирање на финансиската полиција и политичкото искористување на Антикорупциската комисија, и некои резервни портали на кои им давате специјални задачи, во кординација со ваш близок соработник, државниот секретар Парталов, за нас се познати удбашки методи што ги применуваат еден дел од старите удбаши, кои држат високи позиции во партијата на СДСМ и ВМРО“ , рече Мемеди.

Од СДСМ, соопштија дека ги отфрлаат сите обвинувања на Мемеди а тврдењата ги оценуваат како личен став. Оттаму нагласуваат дека се отворени за соработка со сите партии кои ги делат истите евроатлантски приоритети.

„ Изјавата е негов личен став. Како партија, како одговорни политичари, ги отфрламе сите обвинувања од кажани од собраниската говорница. Како политички партии и посебни политички ентитети, без разлика на големината, треба секогаш да бидеме во функција на државата и животот на граѓаните. СДСМ е отворена партија и секогаш сме подготврени за разговории со другите помали парламентарни и вонпарламентарни кои се подготвени заеднички да го издоиме патот до влезот во НАТО. Остануваме посветени на концпетот едно општество за сите“, изјави за Гласот на Америка, Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.

Премиерот Заев го има мнозинството во Собранието но не и клучното двотретинско по разидувањето со Мемеди и заладувањето на односите со осуммината пратеници кои ја напуштија опозициската ВМРО - ДПМНЕ. На местото на Мемеди во собраниските клупи ќе седне Арта Точи од опозициската Алијанса на Албанците.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG