Линкови за пристапност

Руски советник ја обучува „Единствена Македонија“ како да дојде на власт


Леонид Савин, близок соработник на Александар Дугин - советникот на претседателот Путин, држел предавања на педесетина членови на партијата на Бачев, избрани по сторг критериум, како да постапуваат откако ќе бидат именувани на државни функции

Обука каква што се одржува во Србија и Либија, минале педесетте кандидати од проруската партија на Јанко Бачев, „Единствена Македонија“, а целта била тие да бидат подготвени за преземање на власта на следните парламентарни избори и правилно да ги извршуваат функциите на кои би биле именувани. Рускиот аналитичар Леонид Савин, чија специјалност е геополитиката, бил повикан од претседателот на партијата лично да ја одржи обуката по програма на московскиот универзитет „Ломоносов“.

Савин смета дека Македонија мора да ја задржи унитарноста.

„Важно е да се овозможи декодиран пристап на граѓаните со државната политика и институциите. Вакви обуки имаме во Србија, Либија и други земји. Нашата цел не е да се наметнеме, туку да овозможиме поширок спектар на избор за граѓаните. Новата власт која ќе биде на Единствена Македонија треба да ја задржи унитарноста на земјата. Не се наметнуваме со свои идеи, туку даваме определби како да се работи според Московскиот универзитет“, рече Савин.

Според него, македонскиот и рускиот народ ги поврзуваат многу работи, а тоа ќе помогне да се зацврсти иднината на Македонија.

„Народот има единствено право да решава за својата судбина. Сите процеси треба да се подемократски и потранспарентни. Самиот македонски народ треба да одлучи со кого ќе ја поврзе својата иднина“, додаде Савин.

Претседателот на „Единствена Македонија“ Јанко Бачев, истакна дека ќе се залага за сојуз со Русија, доколку тој дојде на власт и најави „чистка на предавниците“.

„Ние како партија цврсто сме решени да ги поправиме состојбите во Македонија и се залагаме за сојуз со Русија. Ќе расчистиме со сите национални предавници кои деновиве гледате распродаваат сѐ живо. Ќе се направи ревизија и конфискација на украденото во овие години. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за нас се едно исто, лажат и крадат, а единствена разлика е што едните краделе во марки другите во евра“, изјави Бачев.

Леонид Савин е по трет пат во Македонија и повторно на покана на „Единствена Македонија“. Во март годинава тој беше заедно со професорот по социологија на универзитетот „Ломоносов“, Александар Дугин. Дугин е советник на претседателот Владимир Путин, но и на повеќе клучни воени и политички фигури во Моква и Кремљ. Дугин се опишува како екстремен руски националист, заговорник на рускиот империјализам и „најопасниот филозоф на светот“. Тој важи за гласоговорник на претседателот Путин и често неговите изјави и ставови се сметаат дека се всушност на претседателот Путин кој не сака да ги соопшти директно во јавноста.

Савин и Дугин, во март годинава беа во Скопје, посета која аналитичарите ја оценија како „политичка извидница“. На трибина оргазнизрана од „Единствена Македонија“, ги соопштија нивните ставови и гледишта, а тоа се дека Македонија не треба да влезе во ЕУ која е пред распад, туку во Евроазиската унија којашто тие ја заговараат.

Врската на Савин и Дугин со „Единствена Македонија“ се јавува откако партијата на почетокот на оваа година се ребрендираше во проруска опозиција, по примерот на „Единствена Русија“ на Путин. Претходно се нарекуваше „Народно движење за Македонија“ и до 2012-та година на изборите беше дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Од 2014-та година настапува самостојно, но без никаков позабележител успех на локалните и парламентарни избори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG