Линкови за пристапност

Тринаесет години на охридскиот Рамковен договор


Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје зборуваше за значењето на документот; Изјава даде и американскиот амбасадор во Македонија

„Охридскиот Рамковен договор е камен-темелник кој го означува стартот на суштинскиот процес на интеграција на општеството и изградбата на вистински мултиетничка, модерна европска држава. Затоа, од клучно значење е подготовката на следните генерации за интегрирана и мултиетничка иднина“. Ова е пораката на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет, по повод 13-та годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.

Во тој контекст, првиот човек на ОБСЕ во земјава смета дека се неопходни обновена динамика и похрабри чекори и да се посвети многу сериозно внимание.

„Рамковниот договор ја обележа посветеноста на клучните европски вредности - разумноста, дијалогот и вклучувањето, наспроти конфликтот, етничката нетрпеливост и поделбата. Одржувањето на еден ваков клучен процес во динамика подразбира постојана посветеност од сите вклучени страни“, вели амбасадорот Брет.

Сите можеме да ја погледнеме употребата на јазиците, локалните самоуправи, стапката на вработеност. Сето тоа е подобрено. Сега е лесно да се биде нестрплив, но напредокот и решенијата не доаѓаат преку ноќ. Во мојата земја 200 години има социјални проблеми. Не треба да се негираат позитивните резултати, но треба да се работи уште многу за да се изгради вистински демократска и просперитетна земја
Пол Волерс, Амбасадор на САД во Македонија

На денешната трибина што по повод годинишнината ја организираше Секретаријатот за евроинтеграции, под наслов „ Втора декада Охридски рамковен договор - потреба и обврска на патот кон евроинтеграција“, учесниците, пак , констатираа дека нема ниту политички дијалог, ниту волја за имплементација на Охридскиот Рамковен договор. На неа, не учествуваше никој од државниот врв, ниту пак двајцата директни потписници на политичкиот договор со кој пред 13 години беше прекинат воениот конфликт во Македонија, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. Денешната дебата беше слика на ставовите што повеќе од една деценија го следат спроведувањето на овој Договор – за едните, тоа е само формално, без да биде испочитуван и духот на договорoт, додека за други, постигнат е значаен напредок, но треба и понатаму да се работи.

„Не гледам ниту еден член на ВМРО-ДПМНЕ меѓу присутните. Тоа покажува дека за нив Охридскиот договор е нужно зло, а ДУИ остана единствен што го одбележува и на тој начин се обидува да собере политички поени. Составот на присутните покажува дека рамковниот договор наместо да гради демократија и граѓанско општество, се соочува со проблем на поделеност. Доминираат две заедници и се создава впечаток дека сме потпишале документ кој ги респектира правата на Албанците, а ги маргинализира останатите малцинства,Владо Бучковски, поранешен премиер.

За Насер Зибери, кој учествувал во подготовката на документот, целта на договорот била да се запре дискриминацијата, посебно на албанската заедница во општеството. Но, тој смета дека постојат сериозни шанси сето тоа да се повтори, бидејќи, како што вели, „сè уште има заостанувања во примената на договорот“.

„Ако премиерот, лидер на една партија, во изборнa кампања бара 62 мандати за да не биде условен од коалицискиот партнер, покажува дека тој не сака да дебатира, разговара и да ги усогласи ставовите, туку бара позиција од која ќе одлучува само со своја глава. Ова покажува дека свеста на главните луѓе, учесниците во политичките процеси, не мрднала во бараниот правец“, рече тој.


И вицепремиерот одговорен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери, неодамна по повод годишнината, во медиумите ги потврди различните ставови за спроведувањето на документот, за што меѓународната заедница смета дека е еден од клучните услови за евроатланствките интеграции, истакнувајќи дека е „крајно време да се разгледаат занемарените сфери“.

„Кај македонската страна постои мислење дека имплементацијата е спроведена и оти со некои барања албанската страна сака да излезе од договорените рамки. Албанската страна, пак, верува дека договорот рестриктивно се применува и дека се уште не е завршен овој процес“, изјави Џафери.

Преговорите, кои започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, завршија со парафирање на документот во Охрид, на 10 август 2001-та, а три дена подоцна тој беше потпишан во Скопје, во претседателската резиденција на Водно, од страна на тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Во својство на гаранти, своите потписи на Документот го ставија и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите како олеснувачи.

XS
SM
MD
LG