Линкови за пристапност

Истрагата трага по мотивот за нападот во Вашингтон


Фотографии на напаѓачот Арон Алексис, што ги објави Федералното истражно биро (ФБИ).
Фотографии на напаѓачот Арон Алексис, што ги објави Федералното истражно биро (ФБИ).

34-годишниот Арон Алексис уби 12 лица во Морнаричкиот комплекс, пред да загине во престрелка со полицијата.

Властите во Вашингтон ја бараат причината поради која армискиот работник под договор Арон Алексис вчера отвори оган во Морнаричкиот комплекс во главниот град на САД, убивајќи 12 лица, пред да загине во престрелка со полицијата.

Од евакуацијата на вработените во зградата каде се случи нападот
Од евакуацијата на вработените во зградата каде се случи нападот
Полицијата создаде заштитен обрач околу Морнаричкиот комплекс кусо време по нападот
Полицијата создаде заштитен обрач околу Морнаричкиот комплекс кусо време по нападот
Официјални лица наведуваат дека не откриле поврзаност со меѓународен тероризам и дека не нашле манифест или некоја друга порака што би сугерирала политичка или верска мотивација.

Па сепак, полициски избори за Асошиетед прес соопштија дела 34-годишниот Алексис страдал од параноја, несоница и дека слушал гласови во главата. Истрагата се повикува на членови на семејство на Алексис, според кои тој во август започнал да прима терапија за менталните проблеми преку Управата за армиски ветрани.

Морнарицата не го означила Алексис како ментално нестабилна личност, со што би му била одземена пропусницата за влез комплексот. Откако влегол во зградата на Командата за морнарички системи, Алексис отворил оган врз вработените од сачмарка, автоматска пушка и од пиштол за кој се претпоставува дека го одзел од повредено лице од обезбедувањето.

Алексис е родум од Њујорк, а се води како жител на Форт Ворт во сојузната држава Тексас. Служел во морнарицата како резервист од 2007-ма до 2011-та. Според медиумските извештаи, бил уапсен во два одвоени инцидента што вклучиле истрели од огнено оружје, 2004-тата во Сиетл и 2010-тата во Форт Ворт. Наводно, имал проблеми да го контролира својот гнев.

Според градоначалникот на Вашингтон, Винсент Греј, во нападот биле повредени осум лица и тие се надвор од животна опасност. Полицијата ги соопшти имињата на 12-те загинати, кои се на возраст од доцните 40-ти до раните 70-ти.

Командата за морнарички системи е одговорна за купување, изградба и одржување на бродови и подморници. Во зградата работат околу 3.000 лица, од кои голем број се цивили.

Како што вчера полека паѓаше ноќта во Вашингтон, жителите се собраа пред Морнаричкиот комплекс на спонтана комеморација за загинатите. Комплексот е на само два километра од Конгресот. Полицијата претходно им нареди на луѓето во областа каде се случи нападот да останат во домовите и канцелариите додека траеше потрагата по убиецот. Голем број на училишта, како и канцелариите во Сенатот, затворија под итна постапка поради вонредната состојба. Беше откажан и безбол-натпреварот меѓу Вашингтон и Атланта што требаше да се одигра на стадионот во непосредна близина.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека е во жалост поради, како што рече - повторно, уште едно масовно убиство. Тој кажа дека се работи за кукавички чин, како и дека на погодените и нивните семјества им е потребна љубовта и поддршката на Америка. Првиот човек на САД нареди сите знамиња ширум земјата да бидат симнати на пола копје, во знак на почит кон загинатите.
XS
SM
MD
LG