Линкови за пристапност

Роковите пробиени, сите очи вперени во Брисел и Вашингтон


Македонските медиуми се почесто потенцираат дека „Договорот од Пржино“ е мртов

Иако ниту еден политички субјект од Македонија, ниту претставник на меѓународната заедница, официјално не признава, македонските медиуми се почесто потенцираат дека „Договорот од Пржино“ е мртов, заради неговото непочитување и пробивањето на роковите.

Навистина, денес на пленарна седница на Собранието, без пратенички реплики беше одобрен буџетот на Специјалната обвинителка Катица Јанева во износ од околу милион евра, а за предлогот, Владата и предлагачот, министерот за финансии Зоран Ставрески, немаа образложение. Иако од денес требаше да почне со работа и за осум дена да ги преземе предметите кои се во Обвинителството, Специјалната обвинителка, се уште го чека докомплетирање на нејзиниот тим од 14 обвинители.

И амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер, денес во Собранието, потенцираше дека дипоматијата се уште верува во договорот и дека треба да му се даде шанса тој да биде спроведен во целост. Таа изрази загриженост поради неспроведувањето на договорот од Пржино, и потенцираше дека одговорност за спроведување на договорот од Пржино имаат сите негови потписници, а „Собранието треба да ја одигра својата улога во спроведувањето на договорот од Пржино, но исто така и во спроведувањето на сите закони што треба да се донесат“.

Сепак, потписниците на Договорот, лидерите на најголемите политички партии во земјата, досега единствено успеаја да го спроведат во дело изборот на Специјалната обвинителка Катица Јанева, а сите останати ставки од договорот се се уште отворени прашања. Така, не се испочитувани роковите за формирање на анкетна комисија за прислушувањето и за материјалите кои ги обелодени опозицијата, за донесување на законските одреби за изборите и за гласање на иселениците (до 6-ти октомври), за медиумите (до 15-ти октомври) или избор на новите министри за внатрешни работи и за труд и социјала од редовите на опозицијата (до 20 октомври) или заменици министри за администрација и информатичко општество, финансии и земјоделство, шумарство и водостопанство. Така и двата следните две обврски од договорот - нова Влада на 15-ти јануари и избори на 24-ти април следната година, се се` подалеку од остварување.

Дел од македонските медиуми, викендов и денес шпекулираат, не наведувајќи извори, дека ЕУ и САД ќе извршат нов притисок за деблокирање на преговорите за излез од политичката криза и за постигнување договор пред новиот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија. Според медиумите, можни се преговори и во текот на ноќта, и доколку се постигне меѓупартиски договор, во среда би се гласал законот за Влада и би се „фатил“ последниот рок пред извештајот на ЕК.

Иако, медиумите шпекулираа и дека преговарачите на двете македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ги разгледувале спорните прашања и без посредникот Питер ван Хоуте, во јавноста беше пласирана и веста дека е се поизвесно оти и извештајот за напредокот на Македонија, како и на останатите земји од Балканот, и на Турција нема да биде објавен неделава. Ако тоа се оствари, според досегашните најави во медиумите, за Македонија се можни три опции: нова, седма по ред, препорака за Македонија, со прифаќање на статус-кво ситуацијата, препорака со нови услови за Македонија или дури и одземање на препораката за почеток на преговорите.

Замрзнувањето на преговорите и продлабочувањето на кризата се одразува и на меѓународен план. Пет држави се повлекле од членството во неформалната група “Пријатели на Македонија”, па од 15 членки кои и даваа поддршка на Македонија во Советот на министрите на ЕУ, сега останале - 10.

Според медиумите, поддршката за Македонија ја повлекле Шведска, Финска, Данска, Велика Британија и Белгија.

Паралелно со загрижувачките вести од меѓународната сцена, специјалниот посредник на Обединетите нации во грчко-макеоднскиот спор околу уставното имена Македонија, Метју Нимиц, во грчките медиуми најави дека „дошло време да се реши спорот со името“. Според него, решение е неопходно и заради кризата со бегалците, терористичките закани и економските проблеми со кои се соочува цела Југоисточна Европа.

„Изминатите неколку години овој спор беше ниско на агендите на двете земји затоа што имаа поважни проблеми“, изјавил Нимиц за „Катимерини“, потенцирајќи дека Македонија и Грција повторно треба да се фокусираат на спорот и изразувајќи увереност дека е можно спорот да се реши без губитник и победник.

XS
SM
MD
LG