Линкови за пристапност

Реакциите по усвоениот буџет на стивнуваат


Собраниското мнозинство го донесе највисокиот буџет досега, со кој во 2016 ќе се трошат дури 3,2 милијарди евра

Минатата недела, со 66 гласа „за“ и со 28 гласа „против“, Собранието на Македонија на седница пред полноќ, во законскиот рок, го изгласа буџетот за 2016 година. Мнозинството во Собранието по скратена постапка го донесе и Законот за извршување на буџетот за 2016 година, но опозицијата негативно се изрази за Буџетот, со тврдење дека власта е неодговорна и нетранспарентна, а дека плановите се нереални.

Според пратениците на СДСМ, највисокиот буџет досега, од дури 3,2 милијарди евра е, од една страна, неостварлив, а од друга страна, расипнички и превисок за држава, како Македонија, со јавен долг од 4 милијарди евра. Опозицијата тврди дека нереалниот буџет ќе значи само нови задолжувања врз грбот на граѓаните, и дека ќе се зголеми и нивото на буџетскиот дефицит.

Власта, пак, излезе со став дека Буџетот за 2016 е реален и развоен, дека е за 4,7 отсто повисок од годинешниот, како и дека приливите во буџетот ќе се зголемат за 6 отсто. Вкупните расходи во Буџетот за следната година се проектирани на 195,7 милијарди денари, а вкупните приходи на 176,8 милијарди денари. Според власта, планиран е раст на економијата од 4 отсто, со стапка на инфлација од 2 отсто, и проектиран дефицит од 3,2 отсто или 308,6 милиони евра.

За коментар околу меѓупартиските полемики за висината на буџетот го прашавме новиот заменик министер за финансии, Кире Наумов, која на таа функција дојде неодамна, со имплементација на „Договорот од Пржино“, кој предвидува заменичко место за опозицијата во ова Министерство.

„Ова е уште еден буџет, кој како и сите претходни буџети на Владата на Груевски е надценет во сите проекции, освен во проекцијата за дефицитот. Таму е потценет. Не би сакал детално да ги анализирам основните параметри на Буџетот, затоа што е невозможно да се направи сериозна анализа на несериозно и „расипничко“ однесување. Но, би сакал да истакнам две работи. Како прво, овој буџет ќе има ребаланс на крајот од јуни, најдоцна до почетокот на јули следната година. Со тој ребаланс ќе се изврши сериозна - реална корекција на сите проекции и параметри што би се насочиле во развојни компоненти“, изјави Наумов за Гласот на Америка на македонски јазик.

На висината на износот предвиден за Буџетот за 2016, реагираше и невладината организација „Транспарентност Македонија“, според која најгломазниот досегашен буџет, изнесува околу 40% од бруто домашниот производ на Македонија, а дека тоа е направено „во функција на предвремените парламентарни избори следната година“.

Според новиот заменик министер за финансии Наумов, во наредните пет месеци (до предвремените парламентарни избори, закажани на 24 април) „главен приоритет во мојата работа, ќе биде во предизборниот период да не дозволам - целиот планиран дефицит за наредната година да биде потрошен во периодот пред избори, како што тоа Груевски го правеше во сите изминати изборни години, и воедно, ќе работам на тоа да се стопира неодржливиот тренд на задолжување“.

Спротивен е ставот на вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, кој во медиумите изјави дека „Буџетот ќе биде во корист на граѓаните на Република Македонија“, а дека капиталните инвестиции, за кои е предвидено зголемување на средствата во однос на минатата година, „директно ќе помогнат за динамизирање на економската активност во 2016-та година“. Власта тврди и дека со високиот предвиден износ на капитални инвестиции му се помага на стопанството, а со зголемување на средствата за помош на најранливите категории, се штити стандардот на македонските граѓани.

XS
SM
MD
LG