Линкови за пристапност

Македонија нема да стане бегалски камп


„Ниту еден мигрант не е дојден во Македонија со падобран, туку се влезени на наша територија од земја-членка на ЕУ“, изјави министерот Никола Попоски

„Секој треба да си ги исполнува своите обврски. Ќе обезбедиме за секој основан барател на азил во Република Македонија сместување и сите оние третмани за кои сме обврзани на меѓународно ниво, но во никој случај нема да дозволиме да бидеме претворени во бегалски камп бидејќи ниту еден мигрант не е дојден во Македонија со падобран, туку се влезени на наша територија од земја-членка на ЕУ“, изјави денес, министерот за надворешни работи Никола Попоски по средбата во Скопје со чешкиот шеф на дипломатијата Љубомир Заоралек.

Попоски потенцираше дека Македонија бара решение за справување со мигрантската криза, во кое дел ќе биде и Грција. „Немаме никаков интерес Грција, да не може да ги решава проблемите, но нема да дозволиме да се спроведуваат решенија кои ќе бидат на штета на Македонија“, рече Попоски.

Тој потенцираше дека Македонија ќе обезбеди хуман и безбеден транзит за сите, ќе ги применува оние одлуки кои се донесени на европско ниво, и ќе соработува, како што соработувала и досега и со Грција и со сите други земји членки кои и помагаат, вклучително и Чешката Република. .

Чешкиот министер кој истакна дека Чешка и понатаму останува на ставот за прием на Македонија во ЕУ и НАТО, и дека останува во групата пријатели на Македонија, беше највено дека ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, и дека ќе разговараат и за бегалската криза.

Според МВР, во изминатото деноноќие во земјава влегле 2.455 мигранти, но денес, македонско-грчката граница беше блокирана од обете страни, од македонските таксисти и од грчките земјоделци. Македонскиот граничен премин Богородица во двете насоки беше блокиран од гевгелиските таксисти и автобуски превозници, кои, протестирајќи против непочитувањето на постигнатиот договор, тие да работат дење, а железницата ноќе, и понатаму бараат да бидат вклучени и да учествуваат во трансферот на бегалците од Гевгелија до Табановце на македонско-српската граница. Блокадата поминала мирно и без инциденти, но останува заканата на таксистите за нови блокади, ако не бидат повторно вклучени во превозот.на половина од бројот на бегалците, како што, според нив, било договорено. Таксистите два часа ја блокирале и главната гевгелиска улица и најавиле дека протестот ќе го зголемуваат секој нареден ден за по дополнителни два часа.

По блокадата во Гевгелија, од другата страна на границата, на преминот Евзони протестирале грчките земјоделци, кои исто така се закануваат со засилување на протестите и блокадите против Предлог-законот за пензиски реформи.

На македонската страна, на границата војската и понатаму ја зајакнува жичената ограда долж граничната линија, а се работи и на проширување и уредување на Прифатниот камп.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, за бегалската криза изјави дека од поставување на првата ограда АРМ и полицијата спречиле десетици илјади илегални премини и затоа сега се пристапува кон втората фаза од поставување заштитна ограда, која има за цел дополнително да ги спречи илегалните минувања и премини на македонската државна граница. Според него, мора да се прави разлика меѓу безбедносниот и хуманитарниот аспект на кризата.

XS
SM
MD
LG