Линкови за пристапност

Петкратното убиство ја вознемири јавноста


МВР интензивно истражува; претседателот, партиите и американската амбасада повикуваат на воздржаност.

Доцна синоќа, во близина на скопското село Смиљковци, пронајдени се пет безживотни тела. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, кое изврши увид на местото, пронајдени се и чаури како и видливи траги од огнено оружје, поради што се смета дека е извршено петкратно убиство.

Како што известуваат медиумите, станува збор за Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски - сите на возраст од околу 20 години, од Радишани, и 45-годишниот Борче Стефковски од селото Црешево. Според информациите од МВР, формиран е Оперативен штаб, составен од главните старешини на различни оддели, кој ќе ја координира акцијата за расчистување на убиството. МВР интензивно трага по сторителите и по утврдување на мотивите за убиството.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на убиените и апелираме да се смират страстите, медиумите да се воздржат од шпекулации и да не се подгреваат меѓуетнички тензии“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, алудирајќи на шпекулациите што се појавија на Интернет-мрежите во врска со убиството. Таа извести дека се активирани сите капацитети на располагање и дека се мобилизирани сите полицајци. Министерката повика, доколку некој граѓанин има информација во врска со настанот, да пријави во полиција. Според Јанкуловска, на распит во МВР биле повикани 25 до 30 лица.

Локалното население од скопската населба Радишани е видно вознемирено. Поставени се блокади на влезот во наслебата. Жителите бараат од МВР што поскоро да ги открие сторителите.

Според информациите од МВР, се случиле и неколку инциденти. Министерството наведува дека регистрирало неколку нарушувања на јавниот ред и мир – оштетување на автобус на ЈСП и три патнички моторни возила на улица „Бутелска“, во близина на последната станица на автобусот бр. 57. Телевизијата Вести 24 јавува дека била нападната нејзина екипа, при што биле искршени нивната камера и абтомобилот. Властите работат на пронаоѓање на сторителите и расчистување на случаите.

Претседателот Ѓорге Иванов изрази соочувство до семејствата на убиените.

„Барам и очекувам надлежните институции да го расветлат овој случај, и воедно апелирам на воздржаност од сите. Во овие моменти на длабока тага, најмалку што е потребно е каква било злоупотреба на овој трагичен настан. Апелирам на разумност и одговорност," стои во писмената на изјава на претседателот.

Реагираа и двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Изразувајќи длабоко сочувство до семејствата на загинатите, ВМРО изрази надеж „дека институциите на системот во најкраток можен рок ќе ги најдат сторителите на овој брутален чин и ќе ги изнесат пред лицето на правдата. Секое своеволно толкување и обид овој настан да се интерпретира без аргументи е неодговорен чин“, соопшти партијата.

И СДСМ изрази сочувство до семејствата на жртвите, велејќи дека ја споделува болката за нивната загуба.

„Сакаме да апелираме до целата јавност, а особено до жителите на местата блиски до несреќата, да дејствуваат во насока на смирување на состојбата на теренот и да не дозволат тензиите да ескалираат. Ги повикуваме соодветните институции да не дозволат понатамошно влошување на состојбата, а МВР го повикуваме итно да ги преземе сите потребни дејства за сторителите што побрзо да се изведат пред лицето на правдата“, соопшти СДСМ.

Попладнево се огласи и Амбасадата на САД во Скопје.

„Знаеме дека властите го истражуваат инцидентот и се во потрага по сторителот или сторителите на ова ужасено дело. Ги поддржуваме напорите на Министерството за внатрешни работи во продолжување на истрагата и законските процедури што е можно понавремено, како и во обидите да ја добијат поддршката на јавноста во прибирање на достапни информации за овие убиства. Ги повикуваме сите засегнати страни да останат мирни и да се воздржат од шпекулации или неосновани тврдења. Повикуваме на трпение додека чекаме да се откријат фактите за случајот и да започне законската постапка“, реагираше Амбасадата.

XS
SM
MD
LG