Линкови за пристапност

Генералот Креј во Македонија


Стивен Креј
Стивен Креј

Командантот на Националната гарда на Вермонт се сретна со Началникот на Генералштабот на АРМ и министерот за одбранa

Делегација на Националната гарда на Вермонт, на чело со нејзиниот командант, генерал-мајорот Стивен Креј денес во Скопје беше примена од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковникот Горанчо Котески.

Како што пренесуваат медиумите, генералот Котески по средбата изјавил дека соработката на АРМ и Националата гарда на Вермонт е одлична и дека се остварува низ заедничкото учество во мировните операции. Според генералот Котески, таа е и поттик за понатамошна соработка на Република Македонија и Вермонт и во други сфери.

Началникот на ГШ на македонската армија ја потенцирал иницијативата за реализација на заедничка конференција на армии од земјите во регионот и на нивните партнери - националните гарди од сојузните држави во САД, како и можноста за формирање на сили за справување со природни непогоди.

Генералот Креј, јавуваат медиумите, се заблагодарил на гостопримството и потенцирал дека македонските војници треба да бидат горди на своите достигнувања во изминатите години, како и дека тој е горд на соработката со АРМ и на пријателството и партнерството меѓу припадниците на двете армии.

Во дух на пријателството и партнерството, на свеченоста му била доделена плакета на АРМ на полковникот Дан Пајпс од Националната гарда на Вермонт, како и медал на полковникот Зоран Секуловски од АРМ.

Генералот Креј бил примен и од министерот за одбрана Зоран Јолевски, а делегацијата од Вермонт ќе ги посети и Воено-медицинскиот центар на АРМ, Центарот за обука на пилоти и Воздухопловната бригада.

Националната гарда на Вермонт е повеќегодишен партнер на АРМ. Преку неа, македонските војници реализираат различни форми на обука, посетуваат семинари, конференции, армиски бази, центри и институции во САД, а учествуваат и во заеднички вежби.

XS
SM
MD
LG