Линкови за пристапност

Турски авиони нападнаа цели на Исламската држава во Сирија


Значителна екслација на вклученоста на Анкара во битката против екстремистичката организација

Турција соопшти дека извршила воздушни напади врз цели на Исламската држава (ИД) во Сирија, што претставува значителна екслација на турската вклученост во битката против екстремистичката организација.

Три авиони од типот Ф-16 рано утрово полетале од базата Дијарбакир во југоисточниот дел на Турција и погодиле цели долж турската погранична провинција Килис, според соопштението од кабинетот на премиерот Ахмет Давутоглу.

На прес-конференција, Давутоглу кажа: „Нашата порака е јасна: им дадов целосно овластување на турските вооружени сили соодветно да одговорат, без претходно предупредување, секому којшто се заканува на границите на Република Турција“.

Ова е по првпат земјата да изврши воздушни напади против ИД во Сирија.

Турските власти соопштија и дека рано утрово привеле 251 лице за време на обемна рација на локации на милитантите од ИД и курдски милитанти ширум земјата. Според медиумските извештаи, преку 5.000 полицајци, поддржани од хеликоптери, упаднале на 100 локации во Истанбул во потрага по милитанти.

Операциите уследија откако, наводно, Турција неделава се согласила да им дозволи на американските борбени авиони да ја користат базата Инџирлик за напади врз милитантите на ИД во Сирија. Ниту Турција, ниту САД јавно ја немаат потврдено ваквата спогодба, но според медиумските извештаи, таа била финализирана во телефонски разговор средата меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот американски колега Барак Обама.

XS
SM
MD
LG