Линкови за пристапност

Националната гарда се распореди во Фергусон


Уште една немирна ноќ во градот во Мисури, иако беше воведен полициски час

Гувернерот на сојузната државата Мисури Џеј Никсон нареди припадниците на Националната града да се распоредат во градот Фергусон по еднонеделните и напати насилни протести како резултат на убиството на 18-годишно момче - Афроамериканец од страна на полицаец.

Полицијата тврди дека момчето Мајкл Браун започнало физичка пресметка со полицаецот Дарен Вилсон во неговото службено возило кога тој се обидел да го запре на улица. Но, сведоци наведуваат дека Браун бил застрелан повеќепати додека со пријателот се враќал од продавница иако рацете му биле во воздух, со што сакал да покаже дека се предава.

Доцна синоќа, полицајците во оклопни возила и со гас-маски употребија солзавец за да ја растераат толпата што се движеше кон нив. Полицијата тврди дека некои демонстранти фрлале Молотови коктели, отвориле оган, ограбувале продавници и вршеле вандализам. Најмалку двајца демонстранти се повредени во престрелката со полицијата. Иако бил отворен оган кон полициските сили, меѓу нив нема повредени.

Полицијата го опиша насилството како криминален чин со предумисла да се уништи имот, да се повредат луѓе и да се испровоцира полициски одговор. Неколку лица се уапсени.

Демонстрантите ги отфрлија наводите дека се однесувале насилно пред полицијата да употреби солзавец. Насилството по улиците избувна неколку часа пред да стапи во сила полицискиот час.

Весникот Њујорк тајмс објави дека првичните резултати од приватната обдукција покажале дека Браун бил застрелан најмалку шестпати, од што двапати во главата.

XS
SM
MD
LG