Линкови за пристапност

Во Вашингтон, по објаснување за наводите за шпионирање


Виши германски претставници и европски законодавци наскоро ќе заминат за САД, во контекст на контроверзата дека САД ги прислушкувале своите сојузници.

Виши германски претставници и европски законодавци наскоро ќе појдат во Вашингтон за да побараат објаснување за наводите дека САД ги шпионирале сојузниците.

Германија соопшти дека првите лица на нејзините агенции за странско и домашно разузнавање наскоро ќе заминат за САД, но не даде датум за средбите со претставниците на Белата куќа и Агенцијата за национална безбедност (НСА), која следи милиони телефонски и Интернет-комуникации, во обид да спречи тероризам.

Законодавци од Европската унија исто така најавија дека ќе се сретнат со американски претставници наредната недела, во контекст на медиумските наводи дека САД спровеле обемна операција на електронско шпионирање на граѓани на Унијата и лидери на нејзините земји-членки, како германската канцеларка Ангела Меркел, на пример.

Германскиот весник Зидојче цајтунг денес објави дека наводното шпионирање на телефонот на Меркел можеби било вршено од Американската амбасада во Берлин, која се наоѓа на помалку од километар далечина од нејзината канцеларија. Весникот наведува дека амбасадата има станица за прислушкување со која управува Специјалната служба за собирање, што е заедничка операција на НСА и ЦИА.

Американските шпионски операции предизвикаа осуда ширум Европа, чии лидери се едни од најблиските американски сојузници. Меркел изјави дека американско-европскиот сојуз „може да биде заснован само на доверба. Затоа, повторувам: не може да постои шпионирање меѓу пријатели“.

Францускиот претседател Франсоа Оланд побара објаснување од САД и рече дека шионирањето мора да запре.

„Ваквото однесување и пракса се неприфатливи. Имајќи го предвид нивото и обемот на набљудување од страна на американските служби, како и тоа дека може да се однесува на сите граѓани, меѓу кои и редица европски лидери, ние мора да ставиме крај на тоа и потребно е објаснување“, рече Оланд.

Во меѓувреме, угледниот американски весник Вашингтон пост објави дека американски официјални лица предупредиле извесни странски разузнавачки служби дека документите, што до медиумите ги доставува поранешниот работник под договор на НСА, содржат детали за нивната тајна соработка со Вашингтон. Весникот наведува дека десетици илјади документи, што Сноуден ги собрал, содржат чувствителен материјал за шпионски програми против земји како Иран, Русија и Кина. Вашингтон пост тврди и дека документите исто така споменуваат операции во кои се вклучени земји што, барем јавно, не се сојузници на САД.

Пост опишува дека процесот на известување на претставници на земјите за ризикот од објавување на вакви информации е деликатен, бидејќи во извесни случаи еден дел од владата која соработува можеби и не е свесна за соработката.

Тврдењата на Пост се совпаѓаат со глобалниот изблик на незадоволство поради медиумските извештаи дека САД ги шпионирале телефонските разговори на 35 светски лидери, меѓу нив и Меркел.

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни вчера не сакаше да порекне дека НСА во минатото ја следела комуникацијата на Меркел.

Меркел, пак, кажа дека во телефонскиот разговор со американскиот претседател Барак Обама средата, јасно му укажала дека „шпионирањето на пријателите е неприфатливо“.
XS
SM
MD
LG