Линкови за пристапност

Обама собира поддршка за имиграционата реформа


Денес на собир во Невада откако синоќа најави извршна наредба што ја отстранува заканата од депортација за милиони недокументирани имигранти

Американскиот претседател Барак Обама денес во Лас Вегас, сојзуната држава Невада ќе собира јавна поддршка за својата извршна наредба за реформа на имиграциониот систем.

Обама ќе настапи на собир што е дел од кампањата да ги убеди Американците во неговиот план што ја отстранува заканата од депортација за милиони недокументирани лица што престојуваат во САД. Тој го изложи планот со којшто го заобиколува Конгресот во синоќешното обраќање од Белата куќа, разгневувајќи ги републиканците коишто најавија дека ќе се обидат да го спречат.

„Ако престојувате во Америка преку пет години; ако имате деца коишто се американски државјани или легално престојуваат во земјата; ако се регистрирате, ја минете безбедносната проверка, ако сте подготвени да го платите својот праведен дел од даноците – тогаш ќе можете да се пријавите за привремен престој во земјава, без да стравувате од депортација. Може да излезете од сенката и да постапите правилно, според законот“, рече Обама.

Извршната наредба, што ќе стапи на сила за околу шест месеци, нуди привремени работни дозволи за околу 4,7 милиони имигранти коишто нелегално влегле во земјата.

Републиканците го дочекаа на нож потегот на претседателот, нарекувајќи го амнестија и тврдејќи дека ќе предизвика нови бранови на имиграција. Многумина од нив најавија дека со сите сили ќе се борат за отповикување на извршната наредба.

Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер коментираше дека наредбата е неуставна и го обвини претседателот дека се однесува како цар и император.

Обама, пак, тврди дека потегот е легален, наведувајќи дека и демократски, и републикански претседатели во минатото потпишале слични наредби. Тој рече и дека блокадата во Конгресот во однос на имиграционата реформа била причината вака да реагира.

„За оние членови на Конгресот коишто ги доведуваат во прашање моите овластувања да направам нашиот имиграционен ситем да функционира подобро, или коишто прашуваат дали беше мудро јас да реагирам онаму каде што Конгресот не успеа, имам само еден одговор: донесете предлог-закон. Сакам да соработувам со обете партии на донесување на потрајно законско решение“, кажа Обама.

Пред повеќе од една година, Сенатот под контрола на демократите усвои предлог-закон за реформа на имиграцијата што ја доби поддршката од обете партии. Но, водачите на Претставничкиот дом, каде мнозинство се републиканците, одбија да ја стават мерката на гласање. По конгресните избори во ноември, кога републиканците добија мнозинство во обата дома, стана уште поневеројатно Конгресот да ја усвои мерката.

Засега не е јасно како републиканците ќе решат да се спротистават на извршната наредба. Некои се заканија со привремено затворање на владата, додека други бараат начини да го спречат нејзиното финансирање. Голем број најавија судска жалба, но бројни правни експерти наведуваат дека потезите на претседателот претставуваат правен преседан.

XS
SM
MD
LG