Линкови за пристапност

Роднините на убиените во Чарлстон понудија прошка, побараа од Руф да се покае


Првичен судски распит за белецот осомничен за масакрот во историската црнечка црква во Јужна Каролина

Во емотивни настапи на првичниот судски распит за Дилан Руф, белецот осомничен за масакрот во историската црнечка црква во Јужна Каролина, роднините на деветемина убиени понудија прошка и го повикаа да се покае.

Руф, којшто присуствуваше на распитот преку видео-врска од одвоена просторија и под строго обезбедување, го спушти погледот додека говореа роднините на убиените.

“Ние сме семејство коешто љубовта го изгради“, рече еден од нив. „Ние немаме простор за омраза“.

Судијата одреди кауција од еден милион долари. Руф е обвинет за деветкратно убиство. Тој се товари и за поседување на оружје при извршување на насилно злосторство.

Федералните власти продолжуваат да го истражуваат случајот како злосторство од омраза.

Дваесет-и-едногодишниот Руф беше уапсен во Јужна Каролина откако, како што е осомничен, средата навечер убил девет верници во африканската методистичка епископална црква Емануел во Чарлстон, сојузната држава Јужна Каролина. Меѓу убиените е и 87-годишна жена.

Роднина на еден од оние коишто биле во црквата за ТВ-мрежата ЦНН кажа дека Руф дошол на црковната средба на којашто верниците - сите Афроамериканци - ја проучувале Библијата и дека пред да отвори оган им рекол: “Ги силувавте нашите жени и ја запоседнувате нашата држава. Морам да го сторам ова што ќе го сторам“.

Во нападот имаше и тројца повредени.

Новинската агенција Асошиетед прес пренесе пријател на Руф дека се жалел дека „црнците го прземаат светот“ и дека „некој треба да стори нешто за белата раса“.

Корнел Вилијам Брукс, претседателот на Националното здружение за напредок на обоените луѓе, најстарата и најголема организација во САД за заштита на граѓанските права, рече дека масакрот во Чарлстон претставува чин на „расен тероризам“.

Американците на комеморации во Вашингтон и на други места изразуваат сочувство и покажуваат единство против расната омраза.

XS
SM
MD
LG