Линкови за пристапност

Украинскиот претседател ја обвинува Русија за „отворена агресија“


„Директна, отворена агресија против Украина од соседна држава сега е започната“, кажал Петро Порошенко на неговата Интернет страница

Украинскиот претседател Петро Порошенко во понеделник ја обвини Русија за „отворена агресија“, а неговата армија наредила повлекување на трупите кои се борат со руски тенковски баталјон во близина на аеродром во источна Украина.

„Директна, отворена агресија против Украина од соседна држава сега е започната“, кажал Порошенко, додавајќи дека ситуацијата во зоната на конфликт во источна Украина радикално е променета последниве неколку дена, како што стои на веб-страницата на украинскиот претседател.

Андриј Лисенко, портпаролот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, кажа дека на украинските војници им е наредено повлекување од аеродромот во близина на упориштето на бунтовниците во градот Луханск, и тврди дека војниците биле цел на истрели од руски вооружени сили, судејќи според „прецизноста на нападите“.

Лисенко кажа дека седум украински војници биле убиени и 25 ранети во борбите последниве 24 часа. Во неделата, украински патролен брод на крајбрежната гарда бил потопен од про-руските сепаратисти на брегот. Осуммина морнари го преживеале нападот и биле третирани за рани и изгореници, изјавил претставник на пограничната гарда.

НАТО проценува дека има најмалку 1.000 руски трупи во Украина, а лидерите на Европската унија бараат од Русија моментално повлекување на нивните сили од државата. Русија повторува дека нема трупи во Украина.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен на новинарите во Брисел во понеделник им кажа дека парламентот што ќе биде избран на претстојните украински избори најверојатно ќе го промени статусот на Украина кон аплицирање за пристапување кон западната воена алијанса.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин, за време на посетата на Сибир, во понеделник ја поттикна ЕУ да покаже „разумност“ и да не се ангажира во меѓусебно штетни санкции, во неговата прва реакција на заканата за дополнителни казнени мерки во врска со Украина.

Разговори се закажани за понеделник во Минск, Белорусија, што инволвираат претставници од Русија, Украина и Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Не беше јасно дали проруските сепаратисти исто така ќе земат учество.

XS
SM
MD
LG