Линкови за пристапност

Порозноста на границата Русија-Украина


Многубројни примери покажуваат дека сообраќајот преку таканаречената „затворена“ граница е во обете насоки

Само пред шест месеци, рускиот претседател Владимир Путин објаснуваше на руската телевизија зошто владата планира да даде 16 милијарди долари помош на „братската нација“ во Украина. Но односите од тогаш се променија.

Претставник на украинската влада во петок предложи изградба на 2.000 километри ограда меѓу Русија и Украина, со бодликава жица и со струја, а оградата да биде заштитена со ровови и пешадиски мини.

Границата што би чинела 130 милиони долари ја предложи Хенадиј Корбан, но е далеку од станување реалност. Сепак, предлогот илустрира какви се односите меѓу двете држави кои делат иста граница.

Во четвртокот, новиот украински претседател Петро Порошенко го повикал претседателот Путин во Кремљ да се жали дека три тенка влегле во украина во поддршка на про-руските сепаратисти. Само неколку дена пред тоа, Путин јавно вети комплетно затварање на границата.

Но, потоа во средата, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за прв пат призна дека Русија испраќа помош преку границата за бунтовниците. Тој рече дека таа помош е „хуманитарна“.

И, како да сакаше да докаже дека границата има дупки, Денис Пушхилин, шеф на источната украинска отцепена Народна република Донецк, минатата недела се појави во Москва. Тој се сретна со националистичките политичари, се појави на собир за поддршка и даде интервјуа за руската државна телевизија. Во едно од нив тој рече дека бунтовниците сега имаат три тенка, но не кажа од каде дошле.

Во друго, тој даде финансиски аргументи да се земе неговиот регион од Украина и да се даде на Русија. Тој кажа дека неговиот регион многу повеќе му плаќа на Киев во даноци отколку што добива назад.

Сообраќајот низ руската таканаречена „затворена“ граница оди во двете насоки.

Олег Царев, пребеган член на украинскиот парламент, на новинарите во Донецк оваа недела им кажа дека штотуку се вратил од Москва каде отворил канцеларија за собирање средства за неговиот про-сепаратистички Народен фронт.

Томас Грем, директор на Кисинџер Асошиетс, консултантска фирма со седиште во Њујорк, кажа во Москва дека големото прашање за Путин е – до кој степен Русите ја контролираат ситуацијата на теренот.

Минатата недела Министерот за надворешни работи Лавров ја посети Финска, наведувајќи некои аналитичари да шпекулираат дека целта на Кремљ е „финскализација“ на Украина. Според тоа сценарио Украина ќе биде надвор од НАТО, себе си ќе се прогласи за неутрална и ќе биде внимателна да не згазне на интересите на Русија.

Засега, новата украинска влада не покажува знаци за поклонување пред Русија.

Откако во петок запнаа разговорите за договорот за гас, украинскиот премиер Арсениј Јацењук нареди неговата влада да ја подготви државата доживотно да биде без руски гас. Соочена со брдо неплатени сметки, Русија се закани дека ќе прекине со снабдувањето на Украина со гас - уште во понеделник.
XS
SM
MD
LG